Министерот за здравство Венко Филипче, денеска соопшти дека е аплицирано за вакцини против Ковид-19 преку Ковакс механизмот.
– Како и сите други земји во регионот аплициравмa за вакцини против Ковид-19 преку Ковакс механизмот, за 20 отсто од населението. Тоа се 800.000 дози, заради тоа што ќе треба по две дози, една и после неколку недели уште еднаш согласно сегашните сознанија за развој на антителата. Како што сега стојат сознанија во однос на напредокот, очекувањата се дека вакцината ќе биде достапна на почетокот на следната година. Вакцината нема да биде задолжителна, бидејќи не е влезена во календар, но ќе има силна препорака, истакна министерот за здравство Венко Филипче во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5.
Посочи дека тоа е систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација, кој овозможува како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители еднакво да бидат дистрибуирани кон сите земји што аплицирале на тој механизам.