Легендарниот глумец Шон Конери кој почина вчера и мароканско-француската сликарка Мишелин Рокебрун биле во брак 45 години. Вдовицата на актерот со силни зборови по неговата смрт откри како ги поминал последните мигови од животот.
“Тоа не беше живот за него. Последните неколку дена тој не можеше ниту да се изрази правилно затоа што страдаше од деменција што го зема својот данок. Почина мирно, во сон, и најважно од сè е фактот дека тој го сакаше тоа”, рекла Мишелин.
Дејли Меил пренесува дека таа истакнала и дека тој заминал без премногу помпа.
“Тој беше прекрасен човек и имавме одличен живот заедно. Тој беше човек накој што другите можеа да се угледаат. Ќе ми биде многу тешко без него, го знам тоа. Но, јас сум свесна дека не можеме да траеме вечно”, рекла Мишелин.
Инаку,Конери и Рокебрун се венчаа во 1975, откако се запознаа пет години порано на еден голф турнир. Во тоа време, Конери веќе бил разделен од својата прва сопруга Дајен Силенто.
„Во почетокот ни беше тешко да се гледаме, зашто таа сѐ уште живееше во Северна Африка со своите деца“, изјави своевремено Конери, додавајќи дека во прв период тешко се разбирале зашто таа се мачела со англискиот, а тој со францускиот.
Двајцата немаа деца заедно, а од 1990-ите почнаа да живеат на Бахами.
„Мишелин е неверојатна жена, таа е љубовта на мојот живот“, кажа Конери кој почина вчера на 91 година во својот дом на Бахамите.