Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ најави кривична пријава против кафулето Интермецо во скопски Капиштец, кое откако доби забрана за работа и пломба во времетраење од 30 дена, синоќа продолжило со работа. Забраната за работа беше изречена поради гласна музика за која се пожалиле жителите.
„По извршените контроли на кафе барот ‘Интермецо’, вчеравечер истиот продолжил со работа и покрај изреченото решение и забраната за работа од 30 дена. Пломбата поставена на влезот на локалот е отстранета што согласно членот 389 од кривичниот законик, претставува кривично дело казниво со парична казна или со затвор до три години. По добивање на записниците, Општина Центар до надлежните органи ќе поднесе кривична пријава за симнување на службен печат“, напиша Богдановиќ на Фејсбук.