Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, како што објави, му ги врати орденот кој пред две години го доби од бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов.
,,Моето протестно писмо до г-дин Красимир Каракачанов е испратено заедно со орденот и прилог скромен подарок до него – книга “The Soul of Macedonia” од авторот Наце Попов во која сликовито е прикажана и објаснета духовната убавина на нашата држава и народ.Се надевам дека истото ќе даде допринос за поголемо взаемно вреднување и почитување, а воедно и осознавање“-напиша Димитриевски.
Во протестното писмо кое кумановскиот градоначалник го упати до Каракачанов пишува:
“Со горчина и разочараност од вашите јавни настапи, Ви го враќам назад орденот „100 години Прва светска војна“, кој го добив од Вас по повод одбележувањето на битката кај Страцин од Втората светска војна, во која учествуваа заедно нашите предци.
Овој мој гест се должи на вашите континуирани изјави со кои ги негирате македонскиот народ, македонскиот јазик и државност, кои се спротивни на заедничките заложби за заедничко чествување на датумите од истријата кои не спојуваат како народи и држави. Вашите изјави не се во духот на добрососедските односи и создаваат дополнителни проблеми во взаемна комуникација.
Човек е успешен само ако знае да ја почитува сегашноста и да работи за подобра иднина. Враќањето во минатото, обидите за промена на историјата не носат никому добро, особено не на идните генерации кои од нас повозрасните треба да учат како е да се надминат разликите и да се оди напред. Историјата е тука да не учи на грешките за да не ги повторуваме во иднина. Ако се обидеме да ја смениме не сме научиле ништо, туку напротив покажуваме како не треба да се постапува со историјата.
Вие како политичар во држава членка на ЕУ, чиј приоритет мора да биде согласен на европските основни вредности, почиутвање на самоопределување и изјаснување, потребно е да покажете почит кон македонскиот идентитет и суштински, а не формално да ја поддржите политиката на добрососедство.
Ако создавате дополнителни разлики не покажувате проевропски вредности, туку вредности кои немаат никаква заедничка точка со Европската унија, каде што сите се стремиме и чии вредности треба да не зближат како народи и држави.
За крај, проблемот не е во отстранување на поличите на спомениците од Втората светска војна, тие се историски факт и реалност кој што треба да се прифати. Проблемот е во реториката и непотребното подгревање на тензии, кои веројатно поради личниот популизам, негираат еден народ и соседна држава, за која и двајцата сме согласни дека граѓаните се чувствуваат за блиски и свои. Но, сепак ваквите Ваши изјави генерираат дополнителен простор за поделби и национализам.
Почитуван, Г-дин Каракачанов,
Покажете доблест, почитувајќи ги проевропските вредности и кон бугарскиот народ, но и кон македонскиот народ, кој се стреми да биде дел од големото ЕУ семејство.
Во прилог на дописот, примете скромен подарок од мене книга „The Soul og Macedonia“ од авторот Наце Попов, кој сликовито ја опишува историјата и традицијата на мојата држава, која што верувам, ќе Ве поттикне дополнително да размислувате во исти насоки на взаемно почитување и зближување“ напиша Димитриевски во писмото.