Зоран Михајлов
Уште од првите месеци на тренинг и подготовки стана јасно дека моторна сила, надвор од оние организациски работи, ќе биде токму Димитар Илиевски-Мурато. За него немаше никакви пречки да ги совладува планинските врвови и без проблеми да се искачува на највисоките места. Стрмнините и тешкиот терен беа негов предизвик. Тој беше недопирлив за другите. Полн со енергија и желба, која никогаш не пресушуваше. Постојано му се спротивставуваше на предизвикот, а тоа како да го правеше посилен и поразличен од другите.
-На тренинзите секогаш беше водечкиот алпинист, кој ги „повлекуваше“ другите, вели Поповски. Со оглед на планинарско-алпинистичкото искуство што го имав можев да оценам дека Мурато е токму човекот кому треба да му се даде довербата – да биде оној алпинист кој од последниот базен логор на Хималаите ќе тргне кон искачувањето на Монт Еверест.
Во текот на повеќегодишните подготовки и тренинзи дома и надвор, со искачувањето на највисоките европски, па и светски врвови како Хуаскаран во 1984 година, постојано се контролираше формата и умешноста во совладувањето на алпинистичките елементи. И во тој период главниот организатор на експедицијата со својот другар Горазд Росоклија, се повеќе се уверуваа во способностите на Мурато. Често во разговорите со нив ќе слушнев дека е како машина, кога ќе тргне не знае да се сопре.
Конечно во март во 1989 година 13-члената експедицијата одлета за Катманду, Непал, каде што на задоволство на сите беше пречекана од легендарниот Едмунд Хилари, човекот кој со шерпасот Тензинг Норпај во 1953 година прв стапна на највисокиот врв во светот. Оттогаш почна да се испишува Хималајската историја и во негова чест – најтешката делница, последната карпа во должина од 13 метри кон Монт Еверест, го носи името „Хилари степ“. Алпинистот од Оукленд од Нов Зеланд, кој инаку беше пчелар, но со авантурикстички дух, кога се искачил на врвот со шерпасот Норпај ја изговорил познатата реченица „го совладавме копилето“, што зборува за тоа – колку било тешко човек да се искачи на врвот од светот.
Етапно трасирање на патеката
-По пристигнувањето во првиот базен логор експедицијата во која покрај мене и Росоклија, беа уште Диме, Ѓорѓи, Борче, Серафим, Димитар, Сашо, Мите, Владо, Страшо, Слободан и Румен, веднаш се фативме со работа и поставување на шаторите. Откако се сместивме и се беше онака како што го наложуваат условите за живот на надморска височина од над 5.000 метри, се сеќава Поповски, почнавме да планираме како ќе се одвиваат етапите со поставување на логори на поголемите височини. Исто така, овде во првиот логор се спријателивме со алпинисти од другите експедиции, со кои нормално разменувавме искуства.
На 7 април се поставуваат два шатори со храна во првиот логор на патот кон Монт Еверест на 6.050 надморска височина. Вториот логор се поставува на 500 метри погоре, „тројката“ заедно со шерпасите ја сочинуваат Димитар, Ѓорѓи и Серафим. Следната точка е западно од врвот Лоце на височина од 7.350 метри, а последната точка од која требаше да се тргне кон врвот беше на 7.790 метри. Во меѓувреме, поради ветер, од претпоследната база алпинистите се враќаат назад. Но, патеката е проучена и трасирана, се чекаше само погоден момент. Кон експедицијата, во завршната фаза се приклучуваат познатите алпинисти од поранешна Југославија Стипе Божиќ (Хрватска) и Виктор Грошељ (Словенија), кои претходно веќе се имаа искачено на Монт Еверест.
Конечно, на 10 мај временските услови се подобрени и во последен атак кон врвот тргнуваат Мурато и Борче, кој му прави друштво во првото качување, додека Ѓоко и Серџо остануваат во последниот логор, поради претходно задобиени повреди (смрзнувања). Присуството на искусните Божиќ и Грошељ беше од големо значење за подигнување на моралот на целиот тим.
Радост-на врвот на светот, потоа голема тага
Алпинистите тргнуваат по однапред означената траса. Времето тече и се собираат сили за искачување на последната пречка, карпата „Хилари степ“, која е многу опасна и која на многу алпинисти претходно им создавала големи проблеми. Но, тука, според кажувањето на Грошељ низ чии очи потекоа и солзи – Мурато се искачил брзо и без проблеми, како часовник.
-Дојде и тој момент, кога преку радио-станицата Димитар Илиевски се јави и соопшти дека е на врвот и го поставува нашето знаме. Во тие моменти завладеа голема радост, кон која се приклучија и сите членови на другите експедиции во првиот базен логор. Славјето беше големо – Мурато беше првиот Македонец што се искачи на врвот на светот на 8.848 метри надморсска височина. Тогаш беше и последната комуникација со него. По честитките Росоклија му рече: „браво Диме, сега не се задржувај и враќај се назад…“.
Потоа беше загубен секаков контакт со Мурато. За последните мигови од неговиот херојски потфат сведочат зборовите на Божиќ.
-Јас и Диме бевме осамени на врвот, Грошељ остана назад. Диме беше пресреќен – сакав да го фотографирам, ама апаратот беше замрзнат. Тој ми рече „Стипе јас се враќам“, му одговорив дека и јас тргнувам со него. Но, тој одеше толку брзо така што – кај Јужното седло во длабокиот снег, не можев да го следам и го загубив од видикот. Мислев дека е стигнат во првиот логор на патот кон целта. Но, не беше така, кога дојдов него го немаше, бев зачуден и не сакав да помислам на најлошото. Овде, другарите попусто го очекуваа. Спуштајќи се надолу, веројатно од замор сакал да се одмори и тоа било кобно за него…
Инаку, откако од нашата експедиција ја добивме веста за искачувањето на Диме на Монт Еверест, со оглед на тоа што во ТВ Скопје ги следевме подготовките на експедицијата од почетокот, јас со моите колеги бевме среќни. Веста веднаш ја објавивме во етерот и таа за миг ја обиколи Македонија. Потоа, со големо интересирање ги очекувавме следните информации. Но, тие наместо да ја надополнат почетната вест и да го опишат целокупниот подвиг, за жал не беа оптимистички. Мурато не се врати во базниот логор. Не сакајќи да поверуваме во најлошото, во следните денови очекуваваме да стигне нова охрабрувачка вест. Но, надежите беа попусти зашто беше потврдено она од што стравувавме – Диме засекогаш остана на белините на Хималаите. Тагата беше голема, но неговиот потфат ќе сведочи за херојството на храбриот биточанец, чие име со златни букви е запишано во македонската историја.
Лична карта – Димитар Илиевски-Мурато
Роден 1953 во Битола,загина на Хималаите во 1989 година
Кариера и успеси: Член на битолското планинарско друштво, врвен македонски алпинист, кој се искачил на највисоките врвови во светот.
Најголем подвиг – искачувањето на Монт Еверест на 10 мај 1989 година