Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Срцев застој е состојба која настанува одеднаш, без предупредувачки знаци, срцето престанува да чука, се прекинува пумпањето крв, крвоснабдувањето на мозокот, белите дробови и другите органи, за неколку секунди се губи свест, нема дишење и нема пулс. Тоа е ургентна, животно загрозувачка состоба и бара третман веднаш. Смрт настанува за неколку минути ако не се даде третман.
Постои електрична малфункција во срцето која предизвикува ирегуларно чукање на срцето (аритмија). Сé се случува брзо, се случува колапс, бесвесна состојба, нема пулс и нема дишење. Може но и не мора да има градна болка. Може да се случи без да има било какви претходни знаци.
Срцето регуларно чука поради електричните импулси кои се создааат во него. При срцев застој електричнте сигнали може да се ирегуларни, се јавува аритмија. Вентрикуларната фибрилација е една од најчестите причини за срцев застој, срцето не може да пумпа доволно крв низ телото, минути се во прашање.
Често лицата имаат и коронарна артериска болест која може да води до срцев удар (инфаркт) кога се оштетува срцевиот електричен, спроводен систем.
Срцев застој може да се случи и порадиː
• голем губиток на крв, хеморагичен шок или недостаток на кислород
• електролитен дизбаланс (калиум, магнезиум) што води до пореметување на срцевиот ритам
• предозираност со дроги (крек, кокаин, амфетамини)
• интензивна физичка активност кога се имаат срцеви проблеми
• промени во структурата на срцевиот мускул (инфекции, миокардитис, зголемено срце, кардиомиопатија), вродена срцева болест, болест на залистоците
• генетски, предизпозиција за одредени опасни аритмии.
Срцевиот застој не е исто што и срцев удар, два различни ентитети се но се поврзани. Срцевиот удар е “циркулаторен” проблем, срцевиот застој е “електричен” проблем. Срцевиот удар го зголемува ризикот од нагол срцев застој. Многу срцеви удари не водат до срцев застој, но кога ќе се јави срцев застој честа причина е срцевиот удар.
При срцев удар има недостаток на крв и кислород и дел од срцевиот мускул може да уништи но срцето вообичаено не престанува да работи. Оштетениот дел потоа се обновува со (сврзно)ткиво кое може да не ги спроведува соодветно електричните сигнали во срцето и се јавува ризик од опасни аритии и срцев застој. Првите шест месеци по срцев инфаркт се особено високо ризичен период за срцев застој.
За разлика од срцева слабост, срцевиот застој се јавува одеднаш.
Силни емоции, неконтролиран бес, може да предизвикаат аритмии и срцев застој.
Зголемен ризик за срцев застој имаат мажи, обезни, лица со коронарна артериска болест, со дијабетес, висок крвен притисок, срцева слабост, со аритмии или по срцев удар, злоупотреба на цигари или алкохол.
Смрт настанува за неколку минути ако не се даде третман – кардиопулмонална ресусцитација (комплекс од терапевтски активности за воспоставување на циркулација и обезбедување на оксигенирана крв во мозокот) и дефибрилатор, машина која испраќа електричен удар до срцето.