Државната комисија за спречување корупцијаа објави и пријавената имотна состојба на преостанатиот дел од новопечените пратеници во Собранието кои за прв пат наедно стануваат и функционери.
Така, Тимчо Муцунски, секретарот за надворешна политика на ВМРО-ДПМНЕ, пријавил автомобил од марката „ауди“ во вредност од 1.75 милиони денари, како и „буба“ на брачниот другар во вредност од 430.000 денари. Меѓутоа, тој на негово име нема недвижен имот.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев во 2017 година за 65.000 евра купил стан од 60 метри квадратни во Скопје, а навел и кредит во банка од 3,46 милиони денари подигнат во 2016 година. Тој исто така навел и автомобил алфа ромео кој припаѓа на неговиот брачен другар, а вреди 155.000 денари.
Професорката Гордана Силјановска-Давкова има завидни заеднички депозити во банка, од кои едниот е 55.688 евра и 3.508 долари на девизна штедна книшка, а другиот е 11.523 евра на девизна сметка, според она меѓудругото што го има впишано поранешната кандидатка за претседател на Македонија а сега пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Кога станува збор за пратениците на СДСМ, Марија Костадинова, доскорешна директорка на основно училиште во Миравци, пријавила двократен имот на фирма во вредност од 19,2 милиони денари во истото место во Гевгелија.
Докторката Соња Михаиловска пријавила седум парцели на земјоделско земјиште и едно пасиште, од кои некои доста пространи, во Делчево како имот на брачниот другар но без да ја наведе вредноста на истото. Лолита Ристова од Неготино навела деловен простор во својот град од 2,4 милиони денари. Марија Ангелова од Чаир од личен имот има само девизен депозит од 5.800 евра.