Политичката партија Левица, која има двајца пратеници во Собранието, бара донации од граѓаните, бидејќи, како што објаснуваат, нивните пари се блокирани во Еуростандард банка.
Оваа објава преку Фејсбук ја сподели и лидерот на партијата, Димитар Апасиев.
„Драги соборци…
Во приказната на Животот, или дозволуваш да ти се случуваат работите или ТИ самиот правиш да се случуваат. Со Левица покажавме дека сме од вториот ков – троскот кој не можат да го искорнат! Покажавме дека стравот и безнадежноста се ништо во споредба со Храброста – оти таа е заразна и, кога еднаш ќе се појави, како незапирлива фурија, доаѓа по своето.
Иднината зависи од она што го правиме сега. А она што доаѓа, е многу подобро од она што е поминато, бидејќи наместо да го предвидуваме – НИЕ заедно ќе го создадеме.
Во Левица сме обединети сите БОРЦИ против нефункционалниот и корумпиран систем, оти знаеме дека она што го погодува еден од нас, ги погодува сите. Како луѓе од народот, знаеме дека сѐ додека стравуваме за дом, прехрана, работа, здравје – сѐ додека сме желни за правда, ние не сме слободни и Борбата мора да продолжи.
Заедно дојдовме дотука. Им го пробивме системот. ЗАЕДНО продолжуваме уште посилно! Затоа, воскликот и ситечка злорадост кај нашите политички непријатели, за блокираните пари на Левица во пропаднатата Еуростандард банка, без кои не можеме нормално да функционираме, за нас се само инспирација за акција“, пишуваат од Левица.
Додаваат дека уште пред повеќе од една деценија, почнале да градат автентично политичко движење буквално од НУЛА, кое сега расцутува како чиста совест на нацијата.
„Нам никогаш не ни е страв, пак од нула да почнеме! Во тоа е нашата величина.
Левица никогаш нема да стане Партија која одработува за лоби групи кои ја купиле со нивните валкани пари. Затоа, Левица, консолидирана и посилна од било кога, се обраќа за политички ДОНАЦИИ кон сите наши стари и нови членови, симпатизери и сограѓани, нашите гласачи и поддржувачи – кон луѓето од кои црпи легитимитет и на кои им припаѓа.
Некои можеби ќе мислат дека ова е наивно, но не е! Туку доблесно. А ДОБЛЕСТА е клучот кој го менува светот. Ние не бараме луѓето да прават нешто што не можат, туку она што сакаат и што можат да го направат. Во Левица луѓето делуваат со љубов, посветеност и ентузијазам, поради тоа што веруваат дека подобар свет е можен. Поради тоа што сакаат да се дел од Движење во кое е ОК да бидеш добар, чесен и неподмитлив; повеќе да даваш, одошто да земаш; да бидеш искрен и пркослив, наместо поразен и апатичен.
Ние ги спасивме идеалите и принципите, со тоа што не се шитнавме. А ако се спасени ПРИНЦИПИТЕ – сè е спасено!.
Ако го имаш чесниот народ со тебе – имаш сè, оти борбата не се само проблемите кои ги имаме, туку, првенствено, луѓето со кои ги решаваме.
Ако веруваш дека така треба, приклучи се и Ти кон нашата АКЦИЈА и биди дел од долгиот пат на Борбата која ни претстои“ велат од Левица.