Човек кој има мака, не бира каде ќе оди и колку ќе потроши, за да најде решение за проблемот. Но исто така, познато е дека постојат луѓе, кои на маките на луѓето, гледаат своја шанса за материјална добивка.
Во врска со оваа тема, на Фејсбук се огласи и Пастор Филип Иванов:
“Сѐ додека на овој народ духовни авторитети му се бајачките, гатачите, „оџите“, разно-разните исцелители, биоенергичари и штотијазнам какви сѐ не „терапевти“, луѓе што само продаваат ветер и магла на страдални луѓе, наместо тој авторитет да биде Христос и за Него запишаното во Светото Писмо, а Црквата да биде таа што во безусловна љубов ќе служи на целокупното исцеление на секој човек, нема апсолутно никакви шанси да мрднеме од ова духовно и душевно мртвило.
Не ми се лутете, но мачнина ми е на духот кога гледам како докажани шарлатани и манипулатори, некои од нив ментално нестабилни и дефинитивно демонизирани, без трошка грижа на совест злоупотребуваат луѓе кои страдаат и талкаат барајќи чаре за што и да ги снашло во животот…
Апостол Павле е јасен каде и како почнува спасението за секого и за сѐ: „Секој што ќе го повика Господовото име ќе се спаси“. За да го направите тоа не ви треба никој, ни Филип, ни свети Филип. Едноставно, со покајничко срце, извикајте кон Христос. Тој, и само Тој, е единствениот Спасител и Исцелител, Тој е Верниот и Вистинитиот Господ, Алфа и Омега, Првиот и Последниот, Зачетникот и Завршителот на нашата вера, и нема под Небото друго име дадено на луѓето преку кое се спасуваме, освен Името – Исус.
Господи помилуј.
ДОПОЛНУВАЊЕ: Пријатели, поводот за пишаното е случка од утрово, кога бев запознат со случај на млада личност со мултиплекс склероза, на чие семејство вакви шарлатани им земале големи пари за „терапии“, продавајќи им некаква света вода, кристали, пирамиди, и што ли уште не, лажејќи и ветувајќи им сѐ и сешто… Страшно и жално“ напиша Филип Иванов.