Медицинска сестра од болницата во Милано, чие лице стана симбол на борбата против Ковид-19, Алесија Бонари, беше прогласена за личност на годината и доби награда на филмскиот фестивал во Венеција.
Таа прошета по црвениот тепих во елегантен црн фустан, беше дискретно, но ефективно нашминкана и имаше романтична фризура со бранови што паѓаа на едната страна.
Наградата ја примила со зборовите: „Ние, младите, исто така можеме да добиеме коронавирус и што е уште полошо, можеме да заразиме и други. Да бидеме алтруисти“, а потоа побрзала дома „затоа што мора да работи“, им рекла таа на новинарите.
Инаку, на фотографијата која младата медицинска сестра (23 години) ја објави во март, во екот на пандемијата на коронавирусот, се гледаше нејзиното лице со модринки од долгото носење на заштитна маска по маратонската смена во болницата, каде лекуваше пациенти заразени со коронавирус. На некој начин оваа фотографија стана симбол за пожртвуваноста на здравствените работници во борбата со вирусот.
Под фотографијата, таа напиша: „Ги замолувам сите што ќе го прочитаат ова да не ги уништат нашите напори, да бидат алтруисти и да останат дома за да ги заштитат најслабите“.