Кинескиот уметник Ај Вејвеј, кој во својот нов филм „Коронација“ (Coronation) покажува како се однесува една авторитарна држава спрема пандемијата, оцени дека луѓето ништо нема да научат туку само еден ден „ќе ги фрлат маските и ќе ја заборават короната“.
Уметникот во интервју за Дојче веле вели дека во филмот, „снимен на дистанца“, се гледа на кој начин државата ја создала инфраструктурата, вклучително и полските болници, и како го снабдила „фронтот“ со потребната опрема.
„Овие детали ме изненадија. Но тоа истовремено е и длабоко сознание за однесувањето на луѓето под контрола на авторитарниот режим“, наведе тој.
Тој оцени дека блокирањето на Вухан било исправна одлука, но не смеело да се случи на луѓето буквално да им се заклучуваат вратите, луѓето да се приведуваат или да се крие вистината.
„Властите, пред да го блокираат Вухан на 23 јануари, два месеци знаеле дека заразата се пренесува од човек на човек. Но тие го криеја бројот на заразените и на починатите“, рече тој.
Ај Вејвеј кажа дека не очекува дека од пандемијата нешто ќе се научи.
„Мислам дека работите повторно ќе се нормализираат, дека луѓето едноставно ќе ги симнат маските и ќе ги фрлат во ѓубре. Не верувам дека човештвото многу ќе научи. Па дури и ако нешто научи, тоа ќе биде само површно, како што е случај со Кина“, наведе кинескиот уметник за ДВ.
Инаку, Ај Вејвеј (63), син на поетот Ај Чинг, го обликуваше стадионот „Птичје гнездо“ во Пекинг за Олимписките игри во 2008 година. Тој е остар критичар на кинеските власти поради што беше во затвор во 2011 година, а потоа на четири години му беше одземен пасошот. По напуштањето на Кина во 2015 година, Ај Вејвеј три години помина во Германија, а сега живее во Велика Британија.