Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Мијастенија гравис е автоимуна, нервномускулна болест. Се јавува најчесто кај жени под 40 години и мажи над 60 години. Има хроничен тек со периоди на ремисија. Клиничката слика, мускулите кои се зафатени и степенот на слабост многу се разликуваат од пациент до пациент. Болеста не е директно вродена ниту пак е заразна. Се наследува предиспозиција за автоимуни болести и може да оди по фамилии, повеќе членови од иста фамилија да ја имаат болеста. Мускулите кои се под волева контрола се слаби и лесно се заморуваат.
Мијастенија гравис се случува кога имунолошкиот систем на телото создава антитела кои ги уништуваат нервните сигнали, постои грешка во пренос на нервните импулси до мускулите. Антителата ги блокираат или разоруваат мускулните рецепторски места за невротрансмитерот ацетилхолин. Со помалку расположиви рецепторски места, мускулите примаат помалку нервни сигнали и резултат е слабост. Антителата може да ја блокираат функцијата на еден специфичен протеин кој е вовлечен во формирање на нервномускулните врски.
Болеста се поврзува со тимусот, мала жлезда, дел од имунолошкиот систем, сместена во горниот дел на градниот кош позади градната коска. Се смета дека тимусот ја предизвикува или одржува продукцијата на антителата. Жлездата е голема кај новороденчиња, а мала кај здрави возрасни. Многу лица со болеста имаат поголем тимус од нормално. Кај 1 од 10 има тумор, абнормален раст на тимусот, тимом.
Мускулите стануваат слаби, најпрво се забележува на окото, но може да се зафатени сите скелетни мускули (на раце, нозе и мускулите кои учествуваат во дишењето. Зголемена поспаност преку ден. Депресивно расположение, аксиозност. Симптомите се влошуваат при замор, одморот е многу важен.
Најчест симптом е птоза, опуштени клепки на очите. Зафатените се малите мускули околу очите што го отежнува нивното потполно отварање. Потешко се контролираат движењата на очите и потешко се фокусираат објектите што води до замаглен или двоен вид. Окуларна мијастенија е болест ограничена само на очните мускули.
Со зафаќање на мускулите на лицето и грлото се менува изразот на лицето кој станува невообичаен, чуден, особено при обид за смеење. Се јавува проблем со држењето на главата и со зборувањето, џвакањето, голтањето што може да доведе до загрцнување, гушење.
Болеста ги ослабнува мускулите околу градниот кош и дишењето е отежнато. “Мијастенична криза” кога треба ургентна помош за дишењето може да се јави при стрес, инфекција, некои лекови.
Во одредени периоди на болеста може да се зафатени и мускулите на рацете и нозете, се менува одот, се јавува проблем со подигање на работи, качување по скали, станување,
Симптомите се влошуваат при стрес и премор, болест, менструација или бременост, лекови (бета блокатори, кинин, фенитоин, неки анестетици и антибиотици).
Третманот со лекови и регуларен одмор помага симптомите да се држат под контрола и лицата да можат самостојно да живеат и работат. Тиметомија (отстранување на тимусот) кај некои лица со зголемена жлезда ги подобрува симптомите.