Зоран Михајлов
-Популарниот Жмара од кумановската Соколана преку КК Работнички се вивна во југословенскиот кошаркарски крем.
-Неговата височина и снаодливост беа две компоненти што му овозможуваа да биде еден од најдобрите центри во Првата лига.
-Според мислењето на стручњаците Боцевски иако не беше типичен, сепак беше првиот центар во македонската кошарка во периодот од 60-сеттите години на минатиот век
Немаше љубител на кошарката и спортот воопшто кој во 60-сеттите години на минатиот век,не го познаваше Владимир Боцевски-Жмара. Тој дојде од Куманово во Работнички, токму кога на скопјаните им недоистигаше еден „двометраш“ кој ќе можеше да им парира на високите центри од другите клубови. Таков тип на играч – висок,со одлични физички перформанси,сигурен во себе и непоколеблив кога тргнуваше во акција,беше како создаден за таа екипа на КК Работнички која имаше амбиции конечно да влезе во Првата лига на поранешпната држава.
-Главниот „виновник„ што дојдов во Работнички беше еден од пионерите на нашата кошарка и прв професионален тренер Стефан Тодоровски-Цефи. Тој полека му ја препушташе својата позиција на Лазар Лечиќ кој амбициозно се зафати со работа –по неговото дипломирање во Белград, со желба да создаде цврста екипа способна да се носи со сите противници од тогашните ју-простори,се сеќава Боцевски на периодот кога од Куманово дојде во Градскиот парк во Скопје. Иако ми беше тешко да ја напуштам средината во која ги направив првите кошаркарски чекори,сепак – Работнички беше предизвик за секој млад играч од Македонија,како што впрочем ФК Вардар беше предизвик за фудбалерите.
Раскажувајќи за тие времиња популарниот Жмара често ќе го спомене и кумановскиот зимски турнир што се играше во салата на Соколана. Тој беше еден од ретките и најпознати турнири во поранешна Југославија,на кој – учествуваше Работнички со уште две-три силни екипи како што беа Партизан, Црвена Звезда,Раднички…
-Токму тој турнир беше пресуден да се определам за кошарката и уште од млади години да сонувам да станам и јас квалитетен играч,како оние што ги гледав во кумановската сала.
УСПЕШНО ДЕБИ ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ
Кога дојдов во Работнички со мене најнапред работеше Цефи кој беше и причината што дојдов во Скопје, а потоа подготвувајќи се за прволигашките квалификации во Скопје во 1964 година дојдов во рацете на Лечиќ.
-Тој период вечно ќе остане во моите спомени. Не можев да сфатам дека толку брзо се најдов во една средина за која уште како дете мечтеев. Не бев ниту свесен дека сум во екипа,во која играа за мене тогаш недостижните звезди-Дули Андоновски, Јанко Луковски, Савовиќ, Георгиев-Црна и другите. Едноставно дојдов и решив да не потклекнам, туку напротива да се фатам во костец со сето она што ќе ми излезе на патот кон борбата за обезбедување „место под сонце“ односно влегување во првиот тим. Во тоа успеав,не само поради височината, туку и поради фактот што јас уште како младинец во Куманово ги имав совладано основните елементи од кошарката, па затоа не ми претставуваше тешкотија рамноправно да се носам со асовите што ги споменав. Мора да кажам дека уште на првите тренинзи наидов на нивна поддршка,што за еден млад играч беше пресудно. Тоа ме охрабри и веќе не мислев на тоа дали ќе успеам или не.Знаев дека мора да тренирам и да ги издржам пеколните тренинзи што ги наметна Лечиќ.
Така, Жмара брзо се вклопи во новата средина,а само неколку месеци потоа беше вистинско освежување во екипата.Сите во него ја гледаа идната звезда на КК Работнички,а тогашните стручњаци вклучени во кошарката често знаеја да кажат – конечно Работнички пронајде вистински центар. Гледајќи пак од оваа временска дистанца него повеќе би му одговарало да игра на крилен центар, но во тоа време тешко се наоѓаа кошаркари со таква височина и перформанси какви што ги имаше Боцевски, па затоа мораше да оди на центарската позиција.
-Полека навлегов во тренажниот процес и сега следна моја цел беше да одиграм добро на квалификациониот турнир за влегување во првата лига,вели Боцевски. Условите за работа не беа најидеални,зашто само една година пред тоа Скопје го погоди оној катастрофален земјотрес,но ние играчите,заедно со стручниот штаб бевме решени да дадеме се од себе – да успееме и да им донесеме радост на сите љубители на спортот во Македонија. Претходно беа испуштени неколку шанси за влез во елитата, од кои најзрелата беше токму на отворениот терен на ККР во Градскиот парк,три години порано.
Овој пат малерот од претходните квалификации не се повтори и Работнички потпомогнат од гледачите,во решавачката битка го совлада Слован од Љубљана и стана член на силната југословенска лига. Боцевски со 11 поени беше меѓу најефикасните и најзаслужните за вредната победа.
-Тоа беа незаборавни моменти за сите,посебно за мене,бидејќи на овие квалификации не само што успеавме,туку на нив јас ги одиграв моите дебитантски натпревари за Работнички. Од тие моменти и клубот и мојата кариера почнаа да одат во нагорна линија, така што веќе немаше бегање – кошарката стана моја најголема преокупација.
Оттогаш па се до 1985 година, со две навраќања во матичниот клуб Куманово, Боцевски беше член на Работнички. Колку беше тој неопходен за скопскиот тим најдобро говори податокот дека тој е играч со најголема минутажа во историјата на клубот. Зарем треба нешто повеќе да се каже за тоа каков квалитет беше Боцевски во кошаркарскиот спорт. Патем треба да се спомене дека во 1974-75 година беше втор стрелец во шампионатот на Југославија.
НА ПРАГОТ, НО НИКОГАШ СТАНДАРДЕН ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Владимир Боцевски по скопските квалификации на кои го сврте вниманието кон себе веднаш беше повикан од селекторот Бранко Рајачиќ во младата репрезентација на Југославија.
-И овој момент ќе го паметам, -вели Боцевски и додава:
-Немав патики ,па заглавив во потрага по нив и го испуштив летот со репрезентацијата за Минск каде што учествувавме на еден турнир. Потоа, од Белград морав сам да отпатувам за Москва, каде што ме пречека претставник на КСЈ, па со него заедно заминавме за Минск. Така и овој детал од мојата репрезентативна кариера е интересен да се спомене. Што се однесува пак до сениорската репрезентација на Југославија,секогаш бев тука некаде на прагот, но никогаш не заиграв стандардно. Конкуренцијата беше силна, а мене немаше кој да ме потбутне каков што беше случајот со кошаркарите од другите републики. Иако бев на подготовките за Европското првенство во Хелсинки 1967 година заедно со Кораќ, Данеу, Ѓерѓа, Рајковиќ…., а селектор беше Ранко Жереавица на крајот „извисив“. Истата судбина ја доживеав и пред Светското првенство во Љубљана 1970 година,кога Југославија стана светски првак. До последниот ден бев на подготовките во Крањска Гора, на крајот повторно „извисив“! Тогаш видов колку е тешко да се избориш за репрезентативниот дрес, па затоа му се восхитував на Благоја Георгиевски-Буштур за тоа како успеваше толку долго да опстане во најсилната југословенска селекција. Потоа, дури по 10 години ми се укажа шанса да играм за репрезентацијата на Балканијадата во Скопје, но мислам дека овој повик повеќе беше куртоазен од причина што за да е поинтересно за публиката требаше да има и некој домашен играч. Таа Балканијада за мене го немаше оној жар што го носат репрезентативните настапи. Тогаш,а и сега, верувајте, се чувствувам како да не сум играл за сениорскиот тим на поранешната држава.
Затаоа пак Жмара се сеќава многу добро на силните и жестоки дуели што ги имал со „џиновите“ од домашниот шампионат.
-Бев поподвижен и побрз од противничките центри, па затоа не ми претставуваше проблем да влезам во битка со Ајзелт, Дермастија, Рајковиќ и Сканси. Но,имаше некои играчи што воопшто не ми лежеа-такви беа Кнежевиќ од ОКК Беко и Драган Ивковиќ од Раднички. Сепак најтешко излегував на крај со Бранко Пруг од Југопластика. На пример, на еден меч со сплиќаните во првото полувреме додека во игра беше Сканси постигнав дури 22 коша. Но, кога во второто полувреме влезе Пруг замислете ниду еднаш не поентирав. Беше многу незгоден, знаеше навреме да ме затвори и да блокира. Не беше најстандарден, но беше добар играч. Несреќа за него беше што играше во времето на легендарниот Сканси.
Владимир Боцевски откако во средината од 70-сеттоите години еден период беше во Куманово,по враќањето на Лечиќ во Скопје и тој се враќа во Работнички и настапува на оние интересни натпревари од европскиот куп.
-Најмногу жалам за полуфиналето со Чинцано во Милано, раскажува Боцевски и додева: домаќините одиграа нечесна игра – Георгиевски поради труење од храна не можеше да игра, а Радосављевиќ одвај стоеше на нозе. Во една таква ситуација однапред бевме елиминирани,инаку, мислам дека имавме тим за подвиг. Покрај мене и спомненатите двајца, тука беа уште Радуловиќ и Гешоски.
Владимир Боцевски ги одигра стандардно следните сезони во Работнички кој често се селеше од Првата во Втората лига и обратно, за крајот од активното играње да го дочека во родното Куманово.
СИНОВИТЕ ПО ТАТКОВИТЕ СТАПКИ
Владимир Боцевски и кога ја заврши кариерата остана покрај кошаркарскиот терен. Причината беше едноставна :двата сина –близнаци Душан и Илија заиграа кошарка. И тие импонираа со својата височина и се развија во добри кошаркари.вДвајцата имаа богата меѓународна кариера,а настапуваа и за македонската сениорска репрезентација во 90-сеттите години. Душан беше член и на нашиот најсилен состав на првото учество на Европското првенство во 1999 година во Франција.в Инаку,тој им 40 настапи за сениорската рпрезентација во периодот од 1995 до 2001 година и има постигнато 314 кошеви.
Нема сомнение дека семејството Боцевски одигра значајна улога во афирмацијата на македонската кошарка и влегува во аналите на македонската спортска историја.
Лична карта-Владимир Боцевски
Роден 1947 година во Куманово
Кариера: КК Работнички и КК Куманово
Успеси:Еден од главните актери за првото влегување на Работнички во Првата Ју-лига 1964,втор стрелец во лигата во 1974-75,репрезентативец на Југославија