Италија досега од фондот за оние кои поради пандемијата на Ковид – 19 морале да одат на принуден одмор потрошила 16,5 милијарди евра. Праксата покажала дека некои од фирмите кои добивале помош за исплата на платите на работниците ја мамеле државата и заработувале од таа помош.
Фондот предвидува работниците кои ќе останат дома да примаат 20 отсто од платите од фирмите во кои се вработени, а останатиот износ да го добиваат од специјлниот дел на пензискиот фонд (каса за интеграција).
Тоа во Италија е многу важна социјална мерка, во спротивно, во време на криза многу работници би биле отпуштени. Меѓутоа, на основа на сведочењето на некои работници, медиумите пренесуваат дека некои од фирмите ги искористиле парите од помошта за да ја измамат државата и дополнително да заработат.
Работниците кои секако се анонимни наведуваат како тоа функционира – фирмите ги испраќаат работниците на принуден одмор, до државата пријавуваат да исплаќа само за 20 отсто од работните часови, а потоа тие работници ги повикуваат да продолжат да работат на полно работно време, било да е тоа во фирмата или од дома.
– Имавме илјадници извештаи, но ништо не може да се стори ако луѓето што ни укажуваат не ги пријавуваат шефовите и компаниите. И, секако, тие не можат да го сторат тоа, бидејќи ризикуваат не само да ја изгубат работата што ја имаат, туку и да наидат на проблеми со наоѓање друга работа – вели лидерот на еден од синдикатите, Андреа Ловисето.
Според него, инспекторите за труд не можат многу да откријат и да направат, но на „феноменот“ може да му се стави крај доколку се спореди прометот, односно заработката во време кога работниците „биле на приндуден одмор“ и во нормално време.
„Не може газдата или сопственикот да заработи исто или повеќе кога вработените се на принуден одмор, како и кога се работи нормално“, вели синдкалецот Ловисето.
Ова ги потврдува и фактот соопштен во парламентот за тоа дека четвртина од фирмите кои уживале од помошта на Владата, односно чии работници се „на принуден одмор“ платен од „фондот за интеграција“ имале ист промет и заработка, како во време на полна вработеност, но без критични ситуации.
Затоа Владата одлучила од август да бара од сопствениците на фирмите да плаќаат 18 отсто од сумата која работникот треба да ја добие од интеграциониот фонд додека е „на принуден одмор“.