Зоран Михајлов
Велосипедскиот ас Слободан Арсовски во 70-тите години од минатиот век беше најспоменуваното име не само во македонскиот, туку и во југословнскиот велосипедизам. Неговата кариера постојано одеше во нагорна линија, па така тој со своите резултати девет години беше незаменлив член во репрезентацијата на поранешната држава, со која имаше настапи на најпрестижните трки во светот. За да го постигне овој успех Арсовски требаше да мине илјадници и илјадници километри, па затоа често во шега знае да каже -дека ја завртел земјината топка од илјадници минати километри на трките и тренинзите!
Инаку, мора да се истакне дека овој спорт имаше убава и долга традиција во Македонија. До појавата на Арсовски, во овие наши простори имаше една плејада добри велосипедисти. Нивен предводник беше Александар Кулевски, кој беше југословнски репрезентативец, а во составот на националниот тим беше победник и на најтешката етапа на трката „Низ Југославија“ – превојот Вршиќ. Неговата победа одекна како вистинска сензација и од тие моменти за него се почесто се зборуваше. Кулевски во 1955 година беше избран и за најдобар спортист на Македонија, во една конкуренција на скијачот Рефик Јахја, потоа основоположникот на падобранскиот спорт Аки Ибраимовски, боксерот Бранко Фијат, ракометарот Драган Геровски, маратонецот Дики Бојаџи и уште десетина други спортисти. Да се биде прв во една толку силна конкуренција, навистина беше чест, а лауреат можеше да стане само оној кој навистина имаше најдобри резултати.
Но, Кулевски не беше осамен во својот спорт. Тука беа и неговиоте конкуренти Шабовиќ, браќата Февзи и Вели Салах, Зубер, Арсиќ, Јанковски, за подоцна да дојдат Симеонов, Перковски, Милошевски, а во 1969 година на велосипедот да седне и Слободан Арсовски.
-Моето доаѓање во овој спорт беше малку неочекувано, вели Арсовски. Јас имав желба да играм фудбал и веќе бев селектиран во Вардар, но поради обврските во училиштето моите родители ми забранија да играм фудбал. Меѓутоа, кај мене тлееше желбата за докажување, па кога ми се укажа шанса седнав на велосипед. Родителите тука беа немоќни, јас почнав да тренирам под водството на еден од најдобрите тренери покојниот Киро Георгиевски, кој целосно беше посветен на велосипедизмот и беше тренер во ВК Слога. Најнапред возев во трките за „контраши“, но бидејќи постигнував добри резултати, набрзо за моја радост добив и лесен велосипед, па така од тие моменти кога имав 17 години почнува мојата вистинска кариера. Тогаш оној што ќе добиеше лесен велосипед значеше дека влегува во првата категорија велосипедисти.
Прва трка и право во рампа!
Интересно е сеќавањето на Арсовски за неговата прва трка со „контраши“ на релацијата Велес-Свети Николе-Велес.
-На враќање од Свети Николе во тогашен Титов Велес влеговме истовремено тројца велосипедисти. Целта беше на мостот на Вардар околу 20 метри пред пругата, каде што има поставено рампа, која ја има и денеска. На влезот на мостот го почнавме финишот и возевме многу брзо. Откако минавме низ целта немавме време да сопреме, а поради тоа што во моментот минуваше воз – рампата беше спуштена. Немајќи време да сопреме сите тројца завршивме во рампата, за среќа без последици и без повреди.
Потоа, како што вели Арсовски во текот на кариерата во која девет години беше стандарден репрезентативец на Југославија, не ретко наидувал на спуштени рампи, на кои заедно со другите велосипедисти чекал возот да мине, за потоа да ја продолжи трката.
-Но, тоа е составен дел од мојот спорт, продолжува Арсовски со своите сеќавања. Некогаш сме добивале бонификација за загубеното време додека сме чекале да се крене рампата, некогаш не. Во секој случај и тие рампи беа интересни и ми останаа во меморијата.
Првиот успех Слободан Арсовски го постигнал со екипата на Скопје, кога заедно со Јусуф и Нешев, на трката „Космајски партизани“ го освоиле првото место во екипна конкуренција. Иако се уште бил младинец, тој се натпреварувал со сениорите, а на 18 годишна возраст како перспективен возач е повикан и на репрезентативните подготовки, што се одржуваа во Пула и други градови во Истра.
-Подготовките беа во зимскиот период, а потоа сите велосипедисти учествувавме на меѓународната трка „Јадранска магистрала“, која се состоеше од 5-6 покуси етапи не подолги од 100 километри, вели Арсовски. На првата трка, на која што учествував, во конкуренција на асовите како што беа Билиќ, Чубриќ, Валенчиќ и Шкерл, го освоив третото место. Тоа за мене претставуваше голем успех, а за велосипедските стручњаци изненадување. Со овој настап уште како млад возач ми беше отворена вратата во државната репрезентација на надежите, а подоцна и на сениорската екипа на Југославија. Така, кога се ќе се собере излегува дека имам деветгодишен репрезентативен стаж.
Петти на Вршич!
За Слободан Арсовски веќе немаше проблеми и тој стана стандарден член на репрезентацијата. По подготвителниот зимски период, покрај трката „Јадранска магистрала“, почна да се организира уште една меѓународна трка „Алпе Адриа“. Двете беа критериумски и од пласманот на нив зависеше и составот на националниот тим за настапите на најпрестижните трки во секоја сезона „Тур д Л Авенир“, Берлин-Прага-Варшава и се разбира трката „Низ Југославија“.
-Јас секогаш успевав да го зачувам државниот дрес, а со особено задоволство ја очекував трката низ нашите патишта, продолжува Арсовски. Уште пред да станам член на националниот тим, настапив двапати на трката „Низ Југославија“ и тогаш почувствував колку е убаво да се вози пред своја публика. За оваа трка ме врзуваат многу сеќавања и случки. Сепак незаборавна ќе биде една етапа кај Нова Горица во Словенија, кога од силниот ветер на патот се превртуваа дури и камп- приколки. Замислете на какви маки, пак, бевме ние? Во составот на Југославија секој од велосипедистите имаше свои задолженија. Овде мораше да се исполнуваат задачите на стручниот штаб и во зависност од конфигурацијата на теренот на етапата, се знаеше кој велосипедист ќе биде форсиран. Јас како еден од поиздржливите често им помагав на колегите, а кога доаѓаа оние потешки етапи-тие мене ми помагаа. Тоа беше дел од тактиката, па така благодарејќи на таа соработка една година бев петти на Вршич. Овој резултат беше оценет како голем успех. Вршич беше нешто посебно, тој беше репер за тоа кој велосипедист колку вреди.
Инаку на традиционалната трка по југословенските патишта Арсовски имал солиден пласман во сите етапи, а во две бил меѓу првите 10. Екипно во тој период велосипедистите од тогашниот СССР беа супериорни и тие најчесто победуваа.
Покрај трката „Низ Југославија“, Арсовски учествуваше на сите трки на домашен терен. Тој имаше и една етапна победа на трката „Околу Србија“. Меѓу првите беше и на трката на Јахорина, а имаше високи пласмани и на традициомалните трки „Вид Рочиќ“ и „Космајски партизани“. Со оглед на тоа што сите тие трки беа критериумски, тој обезбедуваше постојано место во репрезентацијата, за која пак посебен предизвик беа тогашниот „Тур д Л Авенир“, по патиштата низ Франција (аматерско издание на „Тур д Франс“) и трката Берлин-Прага-Варшава, која се возеше низ три држави. Една година беше севкупно 17 на меѓународната трка „Низ Ломбардија“ во Италија, што исто така се смета за вреден резултат.
„Турот“ е сепак нешто посебно
Како што е сега професионалниот „Тур д Франс“, во минатото се одржуваше и аматерскиот „Тур д Л Авенир“ (трка на надежите), која исто така беше многу популарна.
-Кај француските љубители на велосипедизмот тој беше третиран исто како и професионалната трка, вели Арсовски. Долж патеката имаше многу народ, а етапите не се разликуваа од овие денешните. И тогаш, како што е сега на професионалниот „Тур д Франс“, возевме низ Савојските Алпи и имавме ридска цел, на пример, во Вал Д Изер или Морзин, кои се наоѓаат на голема надморска височина. Се сеќавам, на еден спуст, имав дефект на тркалото. Групата беше развлечена, а нашето возило со сервисерите и опремата беше назад. Тогаш ми пријде еден од гледачите, кој имаше велосипед-го демонтира задното тркало и ми го даде да ја продолжам трката и да не губам време! Тоа само голем вљубеник во велосипедизмот може да го стори. „Турот“ е сепак посебен и се разликува од другите трки. Вистинско задоволство е да се учествува на него.
Арсовски, првиот од вкупно трите настапи во Франција, го имаше во 1978 година. На трите трки во конечниот пласман беше во првата третина, меѓу 30 и 40 место.
-За разлика од „Тур д Л Авенир“, трката Берлин-Прага-Варшава беше потешка. Се возеше во мај, а времето постојано беше дождливо. Кога на ова ќе се додаде дека во тогашните земји од источниот блок, улиците претежно беа од коцка можете да замислите пред какви опасности се наоѓавме поради лизгавата подлога. Проблем ни правеа и трамвајските шини од кои често страдаа гумите. Но, и тоа имаше своја привлечност, па често по завршените етапи се пребројувавме кој колку пати имал дефект! Оваа трка имаше и своја специфика. Имено, во градовите во ДР Германија, целта на етапите беше на стадионите. Тука, верувале или не, имаше повеќе од 20 илјади гледачи. Тоа, кај нас будеше посебно чувство, а публиката можеше да ужива гледајќи голема борба во возбудливиот финиш, се сеќава нашиот велосипедски ас.
Има уште многу да се пишува за Слободан Арсовски, чија репрезентативна кариера почнувајќи од 1972 –та траеше цели девет години. Ако ги споменам сите негови трки и доживувања ќе треба уште многу простор. На крајот, останува да потсетам дека Арсовски во текот на кариерата беше и повеќекратен републички првак во друмските трки. Тие ја заокружија неговата спортска биографија и заедно со сите други постигнувања му обезбедија почесно место во велосипедскиот спорт во Македонија.
Лична карта – Слободан Арсовски
Роден: 1953 година во Скопје
Кариера: ВК Слога (подоцна ВК Скопје), репрезентација на Југославија
Успеси: Девет години стандарден репрезентативец и учесник на најпрестижните трки: „Низ Југославија“, „Тур д Л Авенир“ во Франција, трката Берлин-Прага-Варшава. Тој е повеќекратен републички првак во друмско возење
Четири години меѓу најдобрите во Македонија
Во традиционалниот избор за спортист на годината, Слободан Арсовски дури 4 пати се најде на ранг-листата на десетте најдобри во Македонија.
Највисок пласман имаше во 1973 година (на почетокот од својата репрезентативна кариера), кога на ранг-листата беше втор, зад атлетичарклата Вера Велјановска. Истата година на трката „ Низ Југославија“ Арсовски беше 23-ти во конкуренција на повеќе од 100 возачи, а на традиционалната трка „Јадранска магистрала“ беше 4-ти.