Познатиот италијански моден креатор Брунело Кучинели одлучи колекцијата, која не беше продадена поради пандемијата од коронавирус да ја подари на човештвото.
Облеката ќе биде препакувана во продавниците ширум светот со новата етикета „Брунело за човештвото“ и ќе биде донирана на хуманитарни и невладини организации, како и на лица на кои им е потребна помош. Станува збор за роба чијашто вредност надминува 30 милиони евра.
Брунело Кучинели посочи дека тој проект на некој начин го крева човечкото достоинство и им оддава почит на сите оние кои работеле на создавање таква облека.
Тоа е само продолжение на работата која трае неколку години, а се состои во преправање на нашите производи, што е придонес за самоодржливост и намалување на загадувањето, истакна Кучинели.
Додаде и дека би сакал тој симболичен гест да биде прифатен како почеток на ново и подобро време.