Во декември 2018 година, 37-годишната Кетрин Вилкоксон од Англија започнала да губи свест и се чувствувала уморно и исплашено. На почетокот ѝ биле дијагностицирани панични напади и дереализација, а лекарите ѝ препишале антидепресиви. Меѓутоа, 6 месеци подоцна открила дека тоа е всушност последица на туморот на мозокот кој ѝ растел во главата речиси 20 години.
Туморот ѝ бил откриен во мај 2019 година, кога претрпела силен напад во текот на спиењето, паднала од креветот и ја удрила главата од подот. Мајката на две девојчиња веднаш била пренесена во општата болница во Шефилд, каде ѝ ја скенирале главата, а резултатите покажале дека има тумор во мозокот со големина на две јаболка.
“Тоа беше ноќна мора. Во мене преовладуваше тоа грозно чувство на паника. Имав кратки губења на свеста кои постојано се случуваа. Една вечер се разбудив на подот – бев збунета, а моите ќерки изгледаа исплашено. Да не беа тие, денес не би била жива, тие ми го спасија животот”, изјавила Вилкоксон.
Кетрин вели дека ѝ е мило што на крајот ѝ бил откриен туморот бидејќи таа живеела со болеста, односно секојдневно ги извршувала сите обврски и покрај симптомите.
“Кога ќе помислам на тоа, се чувствувам лошо бидејќи се доведував себеси, но и другите во опасност. Не страдав од панични напади, туку зад тоа се криела сериозна болест. Секој ден извршував вообичаени работи и бев со девојчињата, нешто можело да тргне на лошо”, раскажува Кетрин.
Веднаш по скенирањето на главата, лекарите ѝ соопштиле дека има тумор на мозокот. Туморот постепено ѝ растел во мозокот, најмалку 20 години.
Здравјето ѝ било загрозено и лекарите само еден месец по дијагнозата ѝ направиле итна операција. За среќа, сè поминало во најдобар ред, а оваа храбра мајка му е особено благодарна на хирургот кој ѝ влеал доверба во текот на тешките денови.
Шест недели по операцијата била подложена на радиотерапија и хемотерапија, а во март оваа година лекарите воочиле дека туморот ѝ се намалил на 5 отсто во однос на првобитната големина.
“Оваа година беше целосен вртлог, но знам дека морам да продолжам понатаму – поради себе и своите ќерки. Морам да останам оптимист. Можев да умрам, но сега сум тука. Сакам да им кажам на другите кои можеби поминуваат низ истото – дека можат да го преживеат сето ова”, нагласила оваа храбра пациентка.