Зоран Михајлов
Македонија до неодамна го имаше најдолговечниот спортист, кој иако имаше 75 години активно се бавеше со спортот и учествуваше на меѓународните натпревари за ветерани. Оние поупатените откако малку ќе се позамислат и ќе ги вратат сеќавањата кон минатото веднаш ќе се присетат дека станува збор за македонската мечувалечка легенда Александар Анастасов, кој почина неодамна. Да, токму така Анастасов, кој своевремено ги освојуваше титулите во поранешната држава, заедно со уште една легенда Кирил Ристевски, до скоро активно се натпреваруваше во конкуренција на ветерани и освојуваше трофеи.
Еве ја интересната приказна, што верувам не сте ја знаеле, а се однесува на популарниот Сашо со кого растевме речиси во исто маало, па така како што беше вообичаено во традиционалното Скопје, делевме иста судбина во младите години.
Роден е во Скопје, живееше во куќата каде што денеска се наоѓа популарното кафуле „Круг“, кај кругчето или оние што не знаат „Тенеќе маало“ (така го нарекувавме во минатото) на границата меѓу Буњаковец и Дебар маало. Сашо, кога ќе се сретневме, во шега знаеше да каже „шанкот од кафиќот е во мојата соба во која го минував детството и младоста“. Во едно такво маало имаше играње фудбал и челик на улица, сервис, па дури и пинг-понг, зашто во некои дворови имаше и табли за овој спорт. Тогаш пинг-понгот, најмногу заради ју-звездите Харангозо и Долинар, беше многу популарен и младите често земаа рекет за да ги имитираат овие два аса. Во една таква раздвижена спортска атмосфера растеше и се раѓаше љубовта кон спортот и кај Сашо. Тој беше атлетски граден и со неговата конституција можеше да оди во кој и да сака спорт. Можеше да стане и фудбалер, зашто тука ќе ја имаше поддршката од својот татко Методи, популарно наречен Тотка, кој секојдневно беше на помошниот терен на Вардар (до Градскиот стадион), каде што ги негуваше десетиците тополи што тој ги засади. Оние постарите симпатизери и фудбалери на Вардар сигурно ќе се потсетат на него и на тополите, кои кога дуваше повардарецот –шумолеа и создаваа еден прекрасен амбиент за тренинг. Тополите долго опстојуваа и го красеа помошниот терен. За целокупниот тој амбиент се грижеше чичко Тотка, кој беш член на Управата на ФК Вардар, задолжен за развојот на младите селекции. Тој често пати беше и водач на младинците на Вардар на турнирите во поранешна Југославија, а и во странство –Италија (Вијареџо), потоа Шпанија и Германија.
Со еден збор Сашо можеше да оди во секој спорт, но тој на изненадување на другарите од маалото се определи за мечувањето. Тогаш многу беа популарни филмовите за мускетарите и сите сакавме да го имитираме, особено Д Артањан. Така, спонтано кај младите се роди љубовта за овој спорт, кој пак во Скопје благодарејќи на Владимир Шуманов веќе ги имаше своите почетоци.
Шуманов „главен“ виновник!
Сашо посакувајќи еден ден да стане спортска звезда за која ќе се говори, се одлучи да биде современ мускетар и се зачлени во ЖМК Работнички, каде како тренер работеше горе споменатиот, за жал сега покоен-Владимир Шуманов. Тој беше човек кој со голема љубов го промовираше мечувањето, каде и тој самиот беше еден од првите македонски шампиони во три оружја-флорет, меч, подоцна и во сабја. Шуманов имаше високи пласмани и на првенствата на поранешна Југославија.
-Можам да кажам дека Шуманов беше главниот „виновник“ што почнав да се бавам со мечувањето. Тој како да имаше некоја маѓепсна моќ и ако еднаш стапнеш на пистата за мечување веќе немаше бегање и не можеше да се одделиш од неа. Тоа се случи и со мене. Се приклучив кон групата, во која имаше и мои другари, а која подолго време тренираше, па почнав и јас да ги изучувам тајните на мечувалечкиот спорт. Ми одеше некако лесно, уште во првите моменти почувствував дека го најдов вистинскиот спорт – раскажуваше Анастасов.
Тој уште како момче со неполни 13 години брзо напредуваше и веќе се наѕираше неговиот талент. Лесно се движеше на пистата, брзината и рефлексот беа двете особини што го красеа, а беа многу битни во овој спорт.
-На почетокот тренингот најчесто беше со флорет, оружје кое повеќе беше наменето за девојките, објаснуваше Сашо. Знаете, многумина мислат дека меѓу флоретот и мечот нема разлика или пак таа е многу мала. Но, не е така, разликата е огромна – од самата конституција на мечувалецот зависи кое оружје повеќе му лежи. Со оглед на мојата конституција јас повеќе преферирав борба со меч. Флорет тренирав само кога ќе морав тоа да го правам! Така мечот ми стана главното оружје. Потоа ја зедов и сабјата, која мора да кажам дека знае да биде многу опасна, особено кога нејзиниот врв се потвртува и силно удира во телото.
Сашо тренираше со сите три оружја и се подготвуваше за натпреварувачките предизвици. Желба му беше што побрзо да излезе на пистата и да се докаже во спортот за кој се имаше веќе определено, иако еден период постигнуваше врвни резултат и во кајакот на диви води и во скијањето на вода.
Тренинг во железничката станица
Анастасов тренираше и го очекуваше првиот настап. Тогаш тој се натпреваруваше само во флорет, што е вообичаено за почетниците, бидејќи ова оружје се смета за полесно.
-Со оглед на фактот што Работнички беше клуб на железницата-за тренинг и натпревари ние ги користивме нејзините објекти. Конкретно, мечувалците трениравме во една мала сала над големиот хол од старата Железничка станица, која настрада во земјотресот во 1963 година. Што е интересно, тоа може да се види и денеска – едната страна каде што е сместен Музејот на Скопје не е многу оштетена. Токму тука доаѓаа и вежбаа и играорците на „Владо Тасевски“, кои исто така беа под патронат на железницата. Од улица можеше да се види и дел од салата-оној што остана цел, а се гледаа и шкафчињата во кои ја чувавме опремата.
Сашо првите настапи ги имаше во 1958 година, како 13-годишно момче.Се натпреваруваше на првенствата на Македонија, на кои во својата конкуренција редовно победуваше. Но, ова иако го исполнуваше и го правеше горд-тој ја чекаше шансата за настап во сениорска конкуренција.
-Откако минаа тие пионерски денови, јас станав поискуен и се повеќе навлегов во тајните на мечувањето. Во 1962 година ми се укажа шанса, иако бев се уште младинец, да настапам на меѓународниот сениорски турнир организиран по повод ослободувањето на Белград. На овој натпревар учествуваа најсилните репрезентацции од европските земји, а јас бев најмлад во конкуренцијата на големите асови. Може да замислите каков товар носев. Иако претходно се подготвува и тренирав со Шуманов, сепак имав голема трема. Дури во првото коло мислев дека мечувам со светскиот вицешампион од претходната година во Аргентина – Романецопт Војда. Од трема не знаев каде сум, па така противникот ми поведе со 3:0. Потоа малку се созедов и израмнив, за пред крајот да освојам уште два поена и да стигнам до победа. На радоста и немаше крај, но дури по мечот видов дека тоа беше друг противник, не светскиот вицешампион Војда. Сепак овој резултат на стартот од турнирот беше охрабрувачки, добро ми тргна и на крајот бев седми. Иако најмлад, бев најдобропласиран Југословен. Тука веќе стана јасно со какви потенцијали располагам и оттогаш бев многу респектиран на сите домашни и меѓународни натпревари. Но, следната година удри земјотресот во Скопје, кој многу влијаеше-не само врз мене, туку врз сите спортисти од градот, па така во еден период го смени правецот на мојата кариера!
Лична карта-Александар Анастасов
Роден во 1945 година во Скопје, почина во 2020 година
Кариера: ЖМК Работнички, МК Омладинац-Зрењанин, репрезентација на поранешна Југославија и Македонија
Успеси: Повеќекратен првак на Југославија, победа на шампионатот на Србија, победник на многу турнири, учесник на две Светски првенства во Виена (25) и во Будимпешта(15), учесник на три Медитерански игри-Измир и Алжир како напревариувач и во Сплит 1979 година како судија, освојувач на медели од Балканијади, светски првак за ветерани во Марибор 2017 година, настапувајќи за екипата од Салерно од Италија освои неколку шампионати и купови на оваа земја, а победуваше и на турнирите ширум светот.
Втор дел од кариерата:
Кајакарски клуб „Моша Пијаде“ и Скијачки клуб „Работнички“-скијање на вода
Успеси: Младински првак на Југославија во К- 1 –тимско возење и трет во Југославија во скијање на вода – слалом за сениори.