Поранешниот командант на ОНА, Даут Реџепи-Лека од село Порој, Тетовскo, кој два мандата беше и пратеник во Собранието сега чува овци, објави ТВ 21.
Поранешниот командант од ОНА, Лека на јавноста и е познат како еден од обвинетите за киднапирањето на 12-те Македонци од Тетовско во војната во 2001 година, еден од четирите Хашки случаи познат како „Гробница Непроштено“. Тој по донесувањето на Автентичното толкување на Законот за амнестија во 2011 година беше амнестиран за злосторствата во 2001 година. По конфликтот два мандати бил пратеник во Собранието.
По потпишувањето на Рамковниот договор, Лека не беше земен под закрила на Али Ахмети како повеќето други команданти.
Лека во 2002 беше дел од ДПА. Но вели дека таму бил искористен политички и по вториот мандат ја напуштил оваа партија. Лека вели дека денешните пратеници не прават ништо освен што примаат плата.
Сега Лека е оставен во заборав. Без работа е и за да го прехрани семејството се занимава со сточарство. Горд на минатото, но со големи тешкотии ја живее сегашноста.