Регионалните и локални телевизии, кои емитуваат програма преку оператори на електронска комуникациска мрежа, членки на Здружението Медиум Објектив со црн екран ќе го изразат своето незадоволство од oдлуката на Владата со која им се доделува финансиска помош за справување со кризата од Ковид 19 само на 5 национални и 6 регионални терестријални телевизии.
Штрајкот на регионалните и локални телевизии, кои емитуваат програма преку оператори на електронска комуникациска мрежа започнува од 3ти јуни и ќе се одвива со прекин на програмата од 19 до 20 часот секој ден со црн екран и испишан текст.
„Штрајк поради нееднаков третман од страна на Владата на Република Северна Македонија кон радиодифузерите. “ Штрајкот ќе трае се до носење нова уредба за помош и поддршка на сите радиодифузери во услови на криза од Ковид 19, велат од Здружението Медиум Објектив.
Инаку, загриженост за состојбата на локалните и регионалните радиодифузери кои, најавија дека ќе штрајкуваат со делумен прекин на програмата изразија Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Тие сметаат дека ваквата одлука на Владата ги дискриминира останатите радиодифузери кои не се опфатени со оваа мерка и се нарушува медиумскиот пазар на штета на тие медиуми.