Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Дишењето е есенцијално за живот, за долг и здрав живот, за психофизичка опуштеност и душевен мир. Повеќето луѓе не користат полн капацитет на белите дробови што води до акумулација на токсини и лошо снабдување на телото со кислород. Секој систем во телото има потреба од кислород. Кислородот влијае на мислењето, менталната јасност, спиењето, варењето на храната, имунолошкиот одговор, нивото на стрес, работата на бубрезите, крвниот притисок, ритамот на срцето.
Кислородот е потребен за енергија за сите животни процеси. Јаглерод диоксидот е отпаден продукт од процесите на метаболизмот. Со дишењето кислород се носи до секоја клетка и се ослободува телото од јаглерод диоксидот.
Двете белодробни крила се заштитени со ребрата на кои се припојуваат интеркосталните мускули. Дијафрагмата е голем мускул во форма на купола под белодробните крила. При вдишување интеркосталните мускули се придвижуваат нагоре, дијафрагмата се движи надоле и градниот кош се шири, белодоробните крила се шират и исполнуваат со воздух . Кога мускулите се релаксираат, градната празнина се намалува, се намалува волуменот на белите дробови и воздухот се издишува.
Воздухот од околината патува преку дишните патишта кои го пренесуваат, затоплуваат, влажнат и филтрираат од малите партикли. Размената на гасови настанува во алвеолите.
Со вдишување, висока концентрација на кислород влегува во белите дробови и дифундира во крвта. Кислородот во крвта се врзува за хемоглобинот во црвените крвни зрнца, оди во срцето, се пумпа во циркулацијата и стигнува до секоја клетка во телото. Во исто време висока концентрација на јаглерод диоксид дифундира од клетките во крвта, потоа од крвта во белите дробови и се исфрла со издишување.
Возрасните вдишуваат и издишуваат околу 12-18 пати во минута. Вкупниот волумен на воздух при едно дишење (вдишување и издишување) е околу 500мл.
Со возраста се намалува еластичноста на белите дробови, капацитетот, нивото на кислород во крвта, се зголемува ризикот од инфекции на респираторниот тракт.
Најчеста грешка е форсирање на градно плитко дишење наместо стомачно. Последица е помала количина на свеж воздух во градите. Тоа значи и недоволно кислород во телото – воздухот не доаѓа до алвеолите. Тоа води до полош метаболизам, помалку енергија, послабо помнење, послаба работа на мозокот, пад на концентрацијата. Неправилно дишење води и до аумулација на токсини и појава на главоболка, вртоглавица. Се зголемува стресот затоа што неправилното дишење не овозможува опуштање на симпатикусот, дел од автономнот нервен систем задолжен за стимулација во случај на опасност.
Многу лица, а особено жените многу малку користат стомачно дишење кога долниот дел на градниот кош се шири, долниот дел на белите дробови се исполнува со воздух, стомакот при вдишување на надувува.
Правилно дишење е важно за функцијата на мозокот, бистрината на умот/мислата, времето на опоравување по физички напори и стресови, ослободување од анксиозност и слабост, за подобрување на спиењето, одржување на здрава тежина, подобрување на психичката и физичката издржливост.