Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Перикард е тенка обвивка со два слоја, исполнета со мала количина на течност (15-50мл), која го обвиткува срцето од надвор. Обезбедува подмачкување на срцето, го штити од инфекции и го држи срцето во градната празнина. Спречува срцето премногу да се шири кога се зголемува крвниот волумен и со тоа ја одржува срцевата функција ефикасна.
Перикардитис е инфламација на перикардот. Најчесто е акутен, настанува одеднаш и може да трае неколку месеци. Најчесто поминува за три месеци, но некогаш може да остане со години. Слоевите на перикардот се зацрвенуваат, отечени се, воспалени. Некогаш се создава вишок на течност во просторот помеѓу двата слоја на перикардот.
Водечки симптом е градна болка, остра и прободувачка (поради триење на срцето со перикардот), се влошува со кашлање, голтање, лежење на рамно или при длабоко вдишување, се подобрува при седење и навалување нанапред.
Други симптоми: болка во грб, лево рамо и врат, проблеми со дишење при лежење, сува кашлица, слабост, анксиозност, ниска температура. Оток на стопала, глуждови, нозе што може да е симптом на констриктивен перикардитис. Тоа е сериозна состојба кога перикардот станува задебелен и крут. Срцевиот мускул не може да се шири и не дозволува срцето да работи како треба. Крвта може да се враќа назад во белите дробови, абдоменот и нозете и да предизвика отоци. Може да се јави и абнормален срцев ритам, палпитации.
Причини: вируси (најчесто гастроинтестинални вируси), бактериски (вклучувајќи и туберкулоза), габички, паразити, автоимуни болести (лупус, ревматоиден артритис, склеродерма).
Останати причини: повреда на граден кош (трауматски перикардитис, сообраќајна незгода), уремиски перикардитис, тумори, имуносупресивна терапија.
Ризикот за перикардитис е поголем по срцев удар, операција на срце, зрачна терапија, перкутан третман (катетеризација на срце). Идиопатски перикардитис е кога причината не се знае.
Ако симптомите траат помалку од три недели се зборува за акутен периккардитис. Ако по 4 до 6 недели период без симптоми се јави друга епизода се смета дека перикардитисот се повторува, рекурентен перикардитис. 20-30% од пациентите имаат рекурентни симптоми. Ако смптомите перзистираат континуирано подолго од три-шест месеци, состојбата се смета за хронична. Има два главни типа на хроничен перикардитис, ефузивен и констриктивен.
Кај хроничниот ефузионен перикардитис во перикардната кеса помеѓу двата слоја бавно се насобира течност. Ако течноста се насобира брзо може да предизвика срцева тампонада. Насобирањето на течност помеѓу двата слоја на перикардот не дозволува срцето да работи ефикасно и може да настане пад на крвниот притисок. Оваа соостојба е животно загрозувачка и бара брза интеревенција, дренирање на течноста.
Хроничниот констриктивен перикардитис, кој е редок, резултат е на лузни, фиброзно ткиво кое има тенденција да се контрахира со тек на време и го компресира срцето. Срцето не може нормално да се полни и се јавува срцева слабост.