Познатиот холивудски глумец Клинт Иствуд наполни 90 години. Како што истакнал неговиот син Скот за Фокс Њус, роденденот ќе го прослави во кругот на семејството, а ќе има и торта, што на неговиот татко веројатно нема да му се допадне.
Роден во Сан Франциско на 31 мај 1930 година, Иствуд почнал да ја гради својата кариера во филмската индустрија во 1960-тите и 70-тите години, играјќи прво во италијанските тн. „шпагети вестерн” филмови на Серџо Леоне. А, белег остави и улогата на тврдоглавиот американски полицаец Хери Калахан во филмот „Валканиот Хари”.
Во својата богата кариера играше во голем број реномирани воени, криминалистички и драмски проекти. Својата режисерска кариера ја започна 1971 година со филмот „Морничава ноќ” (Play Misty for Me).
Иствуд е номиниран за осум Оскари за режија и продукција, освојувајќи ја статуетката за филмовите „Непростено” и „Девојка од милион долари”.Тој беше и двапати номиниран за Оскар за најдобар глумец (во двата филма), но не го доби. Други позабележителни филмови се „Мистична река” и „Писмата од Иво Џима”.
Негиовиот бурен љубовен живот исто така е нешто што треба да се спомене, особено неговата изјава дека првпат спиел со жена кога имал 14 години, и тоа со својата дадилка.
Официјално има осум деца, но во едно интервју признал дека „ни самиот не знае колку деца навистина има“.