Дваесет и три плажи на бугарскиот брег на Црно Море ќе нудат бесплатни чадори за сонце и лежалки, соопшти министерката за туризам Николина Ангелкова.
Пред почетокот на летната туристичка сезона, која според проценките на бугарските експерти ќе биде тешка и многу поразлична од досегашните, министерката одржа низа средби со претставници на туристичкиот сектор.
По разговорите на бугарскиот премиер Бојко Борисов со неговите колеги од Грција и Романија и со претседателот на Србија за отворање на заедничките граници за туризам почнувајќи од 1-ви јуни, Бугарија ќе смета на туристите од соседните земји чии државјани патуваат претежно со патнички возила.
Министерката исто така стави акцент на субвенционирање на чартер летови како важна мерка за поддршка на туристичкиот сектор и се надева дека тоа ќе доведе до раст на одредени пазари, особено во поглед на организираниот туризам.
Сепак, на прво место државата ги става домашните туристи кои ќе бидат привлечени со пониски цени на плажите.
“Правиме сè за да привлечеме туристи и да го олесниме работењето во секторот кој е меѓу најпогодените од светската криза со коронавирусот. Од посебно значење е тоа што нудиме квалитетен производ и дека мора да биде заштитено здравјето на луѓето. Една од основните мерки што ги презедовме е намалување на цените на чадорите за сонце и лежалките. Согласно законот, мора да бидат најмалку 50% поевтини во споредба со лани“, рече Ангелкова.
Лежалките и чадорите ќе бидат бесплатни на 23 од вкупно 132 плажи под концесија. Според бугарските медиуми овие услуги ќе бидат бесплатни на плажите: Каваци – југ, Каваци – север, Елените, Меѓународен младински центар Приморско, Царево – централна плажа, Ахелој, Обзор –југ и други. Во летувалиштето Златни Песоци за лежалка и чадор за сонце ќе се плаќа по едно евро, во Албена по пола евро, во Балчик по пола евро и во Созопол 1,5 евра до 2,5 евра.
Концесионерите на плажите се должни да понудат намалување на цените за лежалките и чадорите за сонце од најмалку 50%, а за непочитување на оваа наредба предвидена е парична казна од 50.000 лева (25.000 евра). За втор прекршок казната е 100.000 лева (51.000 евра).
“Според новите правила за заштита на здравјето на гостите, еден чадор за сонце и две лежалки треба да покриваат простор од 16 метри квадратни, а се планира тоа да се прошири на 20 метри“, рече Ангелкова.