Зоран Михајлов
Ристо Таков е човекот кој прв ги засука ракавите и тргна во една неизвесност да го развива борењето во Македонија. Тој беше уверен дека ќе успее и ќе излезе како победник во авантурата, за која многумина сомнително вртеа со глава и сметаа дека попусто го троши времето. Но, сите тие „неверни Томи“ набрзо сфатија дека Таков бил на вистинскиот пат и преземал чекор, кој за македонскиот спорт беше многу значаен. Набрзо во ова наше поднебје заживеа спортот, кој не само што опфати голем број спортисти, туку подоцна даде и носители на олиписки медали.
-Судбината сакаше, бегајќи од ужасот што го донесе граѓанската војна во Грција во 1948 година, јас со голем број Македонци од Егејските предели да се најдам во Шќечин во Полска. Во овој град спортот беше многу развиен и тој брзо се закрепнуваше и застануваше на здрави нозе по Втората светска војна. Меѓу повеќето клубови, кои егзистираа во градот лоциран во северниот дел на земјата, во близина на германската граница, боречкиот најмногу го привлече моето внимание. Секојдневно одев во салата, ги следев тренинзите за еден ден и јас да излезам на душекот. На почетокот мислев дека ова ќе биде само рекреативно, зашто во тој период во Послка немаше млад човек, а да не се занимава со некој спорт. Но, колку што времето минуваше, јас се повеќе се загревав за борењето, особено за слободниот стил, кој ми беше попривлечен од грчко-римскиот, зашто овде имаше поголем број зафати и некако ми беше поатрактивен – ја почнува својата приказна Ристо Таков.
Деновите минувале, Ристо веќе бил меѓу најредовните во боречкиот клуб. Тоа го забележале и тренерите, кои му обрнувале се поголемо внимание. Така, благодарејќи на дисциплинираната работа и редовноста на тренинзите, доаѓа денот кога тој треба да ги брани боите на Шќечин на младинскиот шампионат на Полска.
-Тоа се случи во 1955 година. Да бидам искрен не ми се веруваше дека токму таа година ќе биде решавачка дури и за мојата животна определба. Победив на првенството и станав младински првак на Полска. Задоволството беше огромно и во тие моменти донесов решение веќе да не се разделам од овој спорт. Набрзо потоа доаѓа нова преселба. Заедно со илјадниците деца бегалци и јас се вратив во мојата Татковина. Штип беше следната дестинација. Градот под Хисарот тогаш беше загреан најмногу за фудбалот, но егзистираа и другите екипни спортови. Јас, како борач, кој зад себе имаше и една титула освоена во Полска, отидов во Сојузот на спортовите и им предложив во училиштето „Ванчо Прке“ да формираме боречка секција. Одговорните веднаш го прифатија мојот предлог и оттогаш почнува историјата на штипското и македонското современо борење во слободен стил, не сметајќи го пеливанството кое беше од друг карактер. Иако изгледаше блиско, сепак тоа беше многу поразлично од современото слободно борење.
ПОЧНУВА БОРЕЧКАТА ОФАНЗИВА
Ристо Таков во 1958 година собира околу себе една група млади ентузијасти со кои секојдневно работи. Тој беше и тренер и активен борач, организатор и афирматор на новиот спорт, со еден збор – што се однесува за борењето во Штип станува „алфа и омега“ .
-Имав голема среќа што во тој период и општинските фактори ми дадоа голема поддршка. И тие како да почувствуваа дека борењето може да биде спортската гордост на Штип. Подоцна ова стана и вистина, зашто боречкиот спорт беше синоним преку кој се препознаваше и афирмираше градот. Набрзо беше формиран и БК Балканец, кој во следните години беше најдобриот боречки колектив во Македонија. Така почна боречката офанзива, која не го зафати само Штип, туку и околните градови.
Ристо Таков потпомогнат од спортските фактори, како основоположник на боречкиот спорт и човек кој се здоби со голем авторитет, оди во Радовиш, Кочани, Струмица, Пробиштип и секаде формира клубови.
-Знаев дека за да се оди напред треба да има конкуренција. Затоа, не ми беше тешко да одам насекаде и да ги анимирам луѓето да формираат клубови во своите градови. Иницијативата за среќа насекаде наидуваше на разбирање, па така покрај Балканец почнаа да никнуваат и другите клубови како Спартак, Бучим, Извор, Рудар. Потоа, се формираа клубови и во Скопје. И овде јас бев иницијатор. Најдов убав начин да ги обединам луѓето преку ДТВ Партизан. Најнапред овде, во рамките на Партизан беа формирани секции, кои подоцна прераснаа во клубви, па така се „роди“ Вардар, Работнички, Лирија и МИК, подоцна Скопје. Токму во овој последниот продолжи мојата кариера како тренер, а во меѓувреме станав селектор на југословенската репрезентација и почнав да ги подготвувам нашите најдобри борачи за меѓународните настапи.
На почетокот до 60-тите години од минатиот век, за прва пат една боречка репрезентација на поранешната држава, во слободен стил учествува на меѓународен натпревар. Што се однесува за грчко-римскиот стил тој имаше долга и богата традиција во Југославија, а имаше такви шампиони кои беа и носители на олимписки медали – Мартиновиќ, Симиќ, Хорват.
-Меѓутоа, за слободниот стил малку се знаеше, продолжи Таков. Затоа, првото неофицијално Европско пренство Белград, во 1962 година, беше шанса и за спортските работници кои се грижеа за квалитетниот спорт во државата од поодблизу да се запознаат со овој боречки стил, кој во другите земји подеднакво беше третиран со грчко-римскиот стил. На ова првенство за првпат ја водев репрезентацијата во која со своите квалитети отскокнуваа Рамиз Тефиков, Неби Јусуфов, Тефик Демири и Рамадан Сали. Сите тие претходно беа пеливани, но со настојчива работа успеав да ги подготвам за настап во слободен стил. Тие беа пријатно изненадување за сите и оттогаш слободностилашите беа присутни на сите големи приредби.
Ристо Таков продолжува со работата во репрезентацијата и се враќа со високи пласмани на своите борачи од европските и светските првенства. Тефиков беше четврти во светот, инаку втор европеец во својата категорија на првенството во Софија 1964, а Јусуфов е петти. Потоа на сцена стапуваат нови имиња предводени од Добре Маринков, Симеон Шутев, Борче Димовски, Ацо Јордановски, Сефер Салиовски, за да се стигне до генерацијата чиј предводник беше Шабан Сејдиу, а тренер Ристо Таков.
Во 1968 година во Димовски и Шутев ги имавме првите олимпијци во Минхен. Потоа во 1971 на ЕП во Берлин го освоивме и првиот бронзен медал – Сефер Салиовски. Сите овие резултати беа виза за Таков да замине и да ја подготвува за настап на ОИ во Минхен репрезентацијата на Сенегал.
-Во оваа африканска земја останав осум месеци, а на Олимпијадата еден од моите борачи беше шести, што претставуваше најголем успех на оваа земја.
АЛЖИРСКОТО ИЗНЕНАДУВАЊЕ
Сепак, во најубави спомени на Ристо Таков остануваат настаните на Медитеранските игри во Алжир 1975 година.
-По враќањето од Сенегал повторно ја презедов селекторската палка, продолжи Таков. Тогаш забележав некои млади борачи за кои сметав дека треба да им се обрне посебно внимание. Еден од нив беше и Шабан Сејдиу, подоцнешниот голем шампион. Што се вели, уште од детски години го фрлив во оган. Со неполни 16 години го одведов на Медитеранските игри во Алжир. Селекторот во грчко-римски стил, популарниот Геџа Ивановиќ кога го виде Шабан и другите наши борачи, ми рече „каде ги водиш овие жолтоклунци, ќе ги изедат на душекот“. Му одговорив кусо: ќе видиме. Е, токму тие жолтоклунци освоија три медали за Југославија, од кои еден златен и тоа освоен од најмладиот – Сејдиу. Геџа повеќе не изусти ниту збор.
Шабан Сејдиу беше најголемото алжирско изнадување, бидејќи беше и најмладиот победник на боречкиот турнир. Оттогаш – тој, потоа Киро Ристов и Ристо Дарлев, предводени од Ристо Таков, тргнуваат во нови походи и настапуваат и на Олимписките игри во Монтреал 1976 година. Овде малку неискуството, повеќе и среќата која им го заврте грбот, придонесоа да не стигнат до медал. Но, овој собир беше најава дека на идниот по 4 години ќе дојдеме и до тој толку поскауван медал, па Сејдиу на ОИ во Москва го освои првиот боречки олимписки медал-бронзен.
Претходно Таков е сменет од функцијата селектор, па работи само со борачите на Скопје, за во 1984 година да се исели од Македонија и да замине за Канада. Таму исто така ги пренесуваше своите знаења, а сними и еден филм со сите технички детали врзани со борењето и современиот тренинг, кој беше прикажуван во сите клубови во оваа земја.
-Мислам дека и таму, ако не како во Македонија, имам барем мал придонес за развојот на слободното борење.
Многумина како да го подзаборавија основоположникот на македонското борење, но јас не – бидејќи ги знам неговите големи заслуги уште од првите денови кога се зафати со макотрпната работа. Ристо Таков и денеска, и покрај заслугите и на другите, останува нашата најголема тренерска легенда во борењето. Ова го потврдуваат и зборовите на двократниот европски шампион, потоа светски вицешампион и носител на две олимписки бронзи Шабан Сејдиу:
-Тој беше тренерот од кого најмногу научив. Тој ме охрабри и уште на млади години ме фрли во огон. Јас му верував и го чувствував, а и денеска го чувствувам, не само како тренер – педагог, туку и како родител.
Лична карта-Ристо Таков
Роден 1936 во Пожарско -Егејска Македонија
Кариера: БК Балканец
Успеси: Репрезентативец на Југославија, учесник на првото неофицијално Европско првенство во Белград во 1962 година
Тренерска кариера: БК Балканец, БК Скопје, репрезентација на Југославија, Македонија и на Сенегал
Успеси: Државни шампионски титули со Балканец и Скопје, медали од Медитерански игри-Шабан Сејдиу најмлад победник во Алжир – 1975, и високи пласмани на европските и светските првенства