Фаталната 49-годишна прилепчанка, со иницијали Л. В. деновиве ја бранува македонската јавност, откако ја пријави Благојче Петревски, 56 годишникот од Скопје, кој останал без своите 3 000 евра, пари кои наместо за исплата на семеен долг, завршиле во рацете на неговата љубовница. Таа заминала без трага и глас. Ја запознал на Фејсбук мислејќи дека ќе му биде животна сопатнична, без ниту грам сомнеж дека по 8 месеци ќе го ограби и ќе избега. Но Благоја кој случајот го пријавил во МВР, вели дека не е единствениот измамен од 49 годишната прилепчанка, за која има сознанија дека на сличен начин успеала да извлече пари уште од тројца мажи, од други градови.
Таа во моментов има две активни кривични пријави. Едната, датирана од 2014-та година за „кражба на мобилен телефон од стан“, а втората е од пред две години за „измама и злоупотреба на платежна картичка“ од своја блиска, повозрасна роднина.
Но, оваа жена се уште е на слобода, непречено продолжувајќи ја својата веќе разработена шема за „лов“ на поситуирани и очигледно, понаивни партнери, од кои, откако ќе ги ограби, заминува без трага и глас.
Озлогласената прилепчанка ја нема ниту во нејзиниот дом во Прилеп, од кој откако пред неколку години починал нејзиниот втор сопруг, таа била избркана од неговите роднини. Тука, сега живеат нејзиниот син, посиникот и свекорот. Соседите, кои од почит кон семејството, не сакаа да зборуваат во камера, зад камерата не го криеа своето чудење зошто таа се однесувала така кога никогаш, како семејство, не биле во лоша финасиска состојба. Дури, издавале и дуќани под кирија. Ја опишуваат како жена која луѓето ги „фаќала“ на емоции, со плачки и измислени, емотивни приказни.
Еден од соседите рекол дека за малку и тој ќе станел жртва на нејзините измами, за извесна бизнис-зделка, но благодарение на разбирањето на нејзиното семејство, тој поминал неоштетен. Според соседите, се побројни биле и луѓето кои зачестено доаѓале кај семејството од кое си ги барале своите пари, што особено срамно и тешко им паѓало на нејзините веќе возрасни деца.
извор: курир.мк