Италијанската пратеничка Сара Куниал во своето обраќање ги повика колегите пратеници да им се спротивстават на плановите за задолжителна вакцинација против коронавирусот, а исто така побара да се уапси милијардерот Бил Гејтс, оти, како што рече, направил злосторства против човештвото.
-Зад ваквите напори стојат корумпирани елити – рече Куниал, посочувајќи го Бил Гејтс како еден од главните виновници зад кампањата за масовно вакцинирање.
Куниал, која е познат противник на вакците, го издвои Гејтс како негативец пред се заради кампањите за вакцинирање што неговата фондација ги спроведува со години во помалку развиените земји. Освен што го обвинува милијардерот за стерилизирање милиони жени во Африка и парализирање стотици илјади деца во Индија, Куниал ги додаде и ГМО и 5G технологијата во конспиративната листа на „гревови“ на Гејтс.
Куниал, исто така, остро ги критикуваше строгите мерки за борба против пандемијата на коронавирус што нејзината земја ги наметна меѓу првите. Според неа, изолацијата ѝ служи и на глобалистичката агенда, а Италијанците биле подложени на инквизиција на лажните науки.
Дел од нејзините колеги пратеници се обидоа да го прекинат нејзиното излагање, но собранискиот спикер наложи ред затоа што, како што истакна, во слободен парламент секој има право да го искаже своето мислење.
Куниал потоа побара од италијанскиот премиер Џузепе Конте да го изведе Гејтс пред меѓународната правда, освен, како што посочи таа, ако самиот Конте не е дел од глобалниот заговор.
– Следниот пат кога ќе ви се јави филантропот Гејтс, проследете го повикот до Меѓународниот кривичен суд за злосторства против човештвото – му порача пратеничката на Конте.