Европската агенција за лекови предвидува дека во следниве неколку месеци може да се направил лек со лицeнца за лекување на коронавирусот, а вакцината да биде одобрена на почетокот на следната година, според „најоптимистичкото“ сценарио.
“Агенцијата прави сé што може за да го забрза процесот на одобрување на вакцините, работејќи со 33 тимови за развојот“, изјави шефот на одделот за вакцини на ЕМА, Марко Кавалери, додавајќи дека е скептичен во тврдењата дека вакцината може да биде достапна во септември.
„Бидејќи развојот на вакцината започнува од нула, можеме да го гледаме од оптимистички агол за година дена, односно на почетокот на 2021 година“, им рече тој на новинарите, пренесува Хина.
Тој ја отфрлил можноста за изоставување на третата фаза од тестирањето на вакцината, бидејќи, како што рече, е неопходно за вакцината да биде безбедна и ефикасна.
ЕМА разгледува 115 терапии или лекови против коронавирусот, кој однесе речиси 300.000 животи низ целиот свет, според Светската здравствена организација.
Кавалери смета дека некои од лековите може да бидат одобрени уште ова лето, но не прецизираше кои.