Федералното истражно биро на САД (ФБИ) и Министерството за внатрешна безбедност денеска предупредија дека хакери поддржани од кинеската Влада можеби се обидуваат да украдат анализи на американските истражувачи за развој на вакцина и лекови за новиот коронавирус.
Двете агенции издадоа предупредување денеска за потенцијална закана. Тие издадоа слично предупредување на почетокот од овој месец.
Во заедничката изјава се вели дека напорите на Кина претставуваат „значајна закана“ за здравствениот, фармацевтскиот и истражувачкиот сектор.
„Обидите на Кина да се фокусира на тие сектори претставува сериозна закана за одговорот на нашата земја на Ковид-19“, се вели во соопштението.
Хакерите, но и истражувачи и студенти, според американската администрација се активни во кражба на информации во рамките на универзитетските институти и јавните лаборатории каде што работат.
ФБИ и Агенцијата за сајбер безбедност, соопштија дека ќе ги објават техничките детали и закани во наредните денови и барале од организациите да пријават било каква сомнителна активност.
Американските власти веќе долго време се жалат дека Кина преку хакирање краде академски и економски податоци за да ја зајакне својата економија.
Ова предупредување е издадено во период кога расте тензијата помеѓу американската и кинеската влада околу потеклото на пандемијата и почетниот кинески одговор на неа.