Кралицата Елизабета Втора планира да се повлече од јавниот живот додека трае пандемијата на коронавирусот, пишуваат британските медиуми.
94-годишната кралица ќе ја направи најдолгата пауза од официјалните должности во своето 68-годишно владеење и ќе остане во карантин во замокот Виндзор заедно со принцот Филип, кој следниот месец ќе наполни 99 години. Нејзините задолженија ќе ги преземат принцот Вилијам и неговата сопруга Кејт.
Замрзнати се и нејзините есенски ангажмани, вклучувајќи ја планираната посета на Јужна Африка во октомври.
„Нејзиниот дневник на обврски е празен до крајот на месецот. Прославата „Поздрав со боите“ и многу летни забави се откажани. Тешко дека таа некогаш ќе се врати на „нормалното“ вршење на должностите“, вели кралскиот биограф Ендрју Мортон.
„Овој вирус ќе биде присутен со месеци, ако не и со години. Би било премогу ризично кралицата да почне секојдневно да се среќава со луѓе. Таа секогаш ги сакаше средбите, но олкав ризик не смее да се преземе“.
Една од главните грижи на кралицата е дека би можела да го зарази принцот Филип, чие здравје и така е нарушено.
Инаку, за првпат по 27 години Бакингемската палата е затворена за туристи и така ќе остане најмалку до крајот на летото.