Во време на строгите хигиенски мерки во услови на пандемија од коронавирусот, Италијанците се досетија како и натаму да уживаат во својот омилен деликатес, а римски продавач на сладолед демонстрираше како ќе ги услужува клиентите.
Паоло Константини носи заштитна кацига со пластичен визир, пластични ракавици и маска.
„Можете да заборавите што беше она претходно, моравме повторно да го измислиме нашиот бизнис“, вели наградуваниот производител на сладолед.
Пред неговата продавница за сладолед „Ил Џелатоне“, од кој е видлив Колосеумот, има машина за дезинфекција на рацете.
Клиентите на влезот со термален скенер им се мери температура, а на подот со црно-жолти ленти им се укажува на растојанието што мора да го почитуваат.
Италија се гордее со својата традиција на сладолед. Во нормални времиња, веднаш штом ќе зајде сонцето, луѓето навалуваат во „џелатерија“. Денес, тоа повеќе наликува како посета на болница.
„Ние се обидуваме да се заштитиме себеси, нашиот персонал и нашите клиенти колку што можеме”, рече Константини.
Италијанците добија малку слобода во понеделникот. Некои пандемски мерки се укинати за да можат сега да вежбаат на отворено.
Кафулиња, ресторани и продавници за сладолед се отворени за подготовка на храна и десерт за носење.
Со заштитни мерки, како што се пластични прегради помеѓу масите, тие ќе можат да ги отворат своите врати дури во јуни. За многумина, ова е катастрофа затоа што гастрономијата е крвоток на италијанската економија.
Економските загуби само од карантинот се проценуваат дека достигнаа 34 милијарди евра само до јуни.
Дотогаш, 50.000 компании би можеле да бидат затворени, а 350.000 луѓе ќе останат без работа.