Откако шпанската влада започна постепено олабавување на мерките воведени поради епидемијата на новиот коронавирус, луѓето низ целата земја излегоа утрово на рекреација и прошетка, за прв пат по седум недели.
На возрасните во Шпанија сега им е дозволено да се занимаваат со спортски активности надвор од дома.
Во Барселона на патеките покрај плажите утринава можеа да се видат многу луѓе како трчат и возат велосипеди.
На широките булевари ширум Мадрид се забележани многу велосипедисти и скејтбордери, пренесува Ројтерс.
Шпанската влада одлучи да започне со ублажување на рестриктивните мерки, откако беше забележан пад на бројот на заболени, а ситуацијата во болниците се подобрува.
Шпанскиот премиер во вторникот најави план во четири етапи кој би требало да ги доведе работите во нормала во земјата до крајот на јуни.