Резервистот во американската војска, Матје Бенаси која теоретичарите на заговор неосновано ја обвинуваат дека го “донела” коронавирусот во Кина, вели дека станала жртва на “Сајбер-малтретирање”.
Лажните тврдења секојдневно се објавуваат на ЈуТјуб, иако таа никогаш не била позитивна на вирусот, ниту имала симптоми. Матје Бенаси на мета на заговорниците се нашла во март, месеци откако во Кина бил пријавен првиот случај на новиот коронавирус.
Теоријата дека таа го донела вирусот во Кина почнала да се шири поради тоа што учествувала на Светските воени игри во Вухан, во октомври минатата година. Бенаси учествувала во велосипедска трка, во текот на која доживеала несреќа и завршила со скршено ребро и потрес на мозокот.
Иако на игрите учествувале стотина спортисти од американската војска, токму Матје Бенаси била избрана за централна фигура на теориите на заговор. Тие обвиненија им го превртеле животот наопаку и на неа, но и на нејзиниот сопруг Мет.
Тие велат дека нивната домашна адреса е објавена на Интернет, а дека нивните профили на социјалните мрежи биле преплавени со пораки од оние кои веруваат во теориите на заговор пред да ги деактивираат.
“Тоа е како да се разбудиш од лош сон и ден по ден да минуваш низ кошмар”, рекла Бенаси за CNN. Иако социјалните мрежи преземале чекори против ширењето на дезинформациите за коронавирусот на своите платформи, тоа не му помогнало многу на брачниот пар Бенаси.
Се обиделе да издејствуваат за отстранување на таквата содржина од ЈуТјуб и да го спречат нејзиното ширење, но адвокатите и полицијата им рекле дека малку од тоа може да биде направено.
“Сакам луѓето да престанат да ме вознемируваат. Тоа е сајбер-малтретирање и излезе од контрола”, вели Матје.