Глумецот Димитри Датченко, познат по улогата на Ури во „Дневниците на Чернобил“, беше пронајден мртов во својот дом во Флорида, соопшти полицијата.
Телото на 52-годишниот актер е пронајдено откако неговите соработници, загрижени поради тоа што не го слушале неколку дена, повикале полиција, пренесува Си-ен-ен.
Еден од нив за полицијата изјавил дека последен пат комуницирал со Датченко преку порака на 19 април. Актерот неодамна се повредил на работа и се опоравувал од струен удар, се наведува во полицискиот извештај.
Глумецот е пронајден без знаци на живот во неговата дневна соба, а причината за смртта сè уште не е позната.
Датченко беше најпознат по улогата на Ури во филмот „Дневниците на Чернобил“ од 2012 година. Тој се појави во многу серии како „Како ја запознав вашата мајка“, „Боунс“, „Две девојки без пари“ и „CSI: Мајами“.