Истражувачите на Универзитетот од Оксфорд започнале со тестирање на вакцината против коронавирусот ковид-19 врз луѓе, што е мошне охрабрувачки податок. Според досегашните претпоставки, идниот април беше означен како месец во кој ќе биде произведена првата вакцина, но вестите од Оксфорд ни даваат за право дека можеби спасоносната „водичка“ ќе ја добиеме и некој месец порано, што би можело да значи и делумно избегнување на вториот бран на пандемијата и целосно потиснување на третиот, со што дефинитивно ќе ѝ биде ставен крај на заразата. Спасоносно звучеше и информацијата дека во моментов на пронаоѓање на вакцината се работи во 70 лаборатории низ светот. Но дали е ова всушност добра вест за Македонија? Дали вакцината која целиот свет ја чека со душа ќе ѝ донесе спас на Македонија? Лично, не верувам.
Доколку некој мисли дека оние наши верници кои за Велигден се причестуваа од исто лажиче ќе застанат во ред за да се имунизираат, веднаш да му кажам дека е во заблуда. Водени од изреката „здравје на игла не влегува“, илјадници наши сограѓани ќе ни одат на нерви со месеци. Ќе го шеруваат Новак Ѓоковиќ на социјалните мрежи, ќе вадат мемиња од Бил Гејтс, а многу веројатно и дека ќе бидат вознесени од храброста на некој нов лидер од типот на Наум Петрески, кој јавно ќе го обезличи планот на „светската влада“ за чипување на човештвото со вакцините, во комбинација со 5Г-технологијата и портокалите заболени од сида.
Интересно, последната епидемија на нашите простори е онаа на вариола вера од 1972 година. За справувањето со опасностите од оваа страшна зараза, чија смртност е близу 40 проценти од заболените, тогашните југословенски власти успеале во рекорден рок да вакцинираат околу 18 милиони граѓани од кои милион и двесте илјади насилно?! Да, војската и полицијата била пратена да интервенира во средините каде што луѓето одбивале да се вакцинираат. И тоа, според мене, е легитимно и не е никакво прекршување на граѓанските права и слободи. Со вирусот не се преговара, па според тоа не би требало да се преговара ниту со можните преносители на заразата. Но, тоа што било возможно во Југославија е речиси невозможно во земјите што се изродија на урнатините на некогашната федерација.
Кој тоа кого ќе вакцинира во Македонија? Дали некој мобилен здравствен тим со поддршка на полицијата ќе замине во населбата Ченто? Во Арачиново? Не, евентуално некое момченце, кое заедно со кучето што го шета не тежи повеќе од 40 килограми, ќе биде пресретнато од полицијата и ќе му биде наредено да го подигне ракавот за да ја прими вакцината. Со сите други веројатно ќе се преговара.
На сите ни е јасно дека во многу средини за спроведувањето на имунизацијата ќе биде потребна и поддршката на верските лидери. Тие веќе ни открија како оди тоа. Државата прво ќе треба да префрли пари на сметките со кои располагаат поповите и оџите, па дури потоа да ги нарачува вакцините.
Не треба се потцени ниту можноста првите вакцини да ни пристигнат од Русија, Кина, Иран или Индија. Што мислите, како на тоа ќе реагираат нашите „евроатлантски ентузијасти“, кои ќе потенцираат дека иако западните вакцини се едно седум пати поскапи, сепак, ние ќе треба да ги купиме токму ампулите од САД, Велика Британија и Холандија, за што претходно, се разбира, ќе треба да се задолжиме во ММФ. Драматично ќе биде и доколку вакцините дојдат од лабораториите кои вакцината ја развиле со помош на фондовите обезбедени од Бил Гејтс и Џорџ Сорос. Патриотските здруженија попрво би умреле од ковид-19, отколку да бидат спасени од архитектите на „новиот светски поредок“.
Вакцината на светот ќе му донесе ослободување од пандемијата, а на Македонија нови поделби. Доколку се остварат само мал дел од моите стравувања, тогаш истребувањето на народот може да стане реално и уште пред првата вакцина да пристигне во земјава.
преземено од Фејсбук