Зоран Михајлов
Во меѓувреме Лазар Лечиќ создава една нова генерација која има за цел – конечно да влезе во Првата лига. Во тој состав на Работнички, Књазев како најискусен е оној вистинскиот лидер. Тој блесна на квалификациите одржани во 1964 година и успеа со својот тим да обезбеди место во елитата. Инаку, покрај него боите на тимот ги бранеа подоцнешните големи звезди на македонската кошарка: Андоновски, Јанко Луковски, Боцевски, Радосављевиќ, Георгиевски, Ѓорчевски, Тевчев.
-Долгогодишниот сон ни се оствари. Станавме прволигаши. Радоста беше голема, но истовремено бевме свесни за она што не очекува… Прв прволигашки предизвик на стартот ни беше Олимпија од Љубљана предводена од Иво Данеу. Тој беше и градител на играта и поентер, а јас бев задолжен да го чувам. Како денес се сеќавам на таа средба во која имав голема мака, но и чест да играм против една таква легенда каква што беше Данеу. На крајот, во тоа прволигашко деби загубивме само со 2 поена разлика. Кошаркарската јавност беше изненадена од ваквиот исход, зашто сите очекуваа дека Олимпија лесно ќе мине во Скопје и ќе извојува висока победа – продолжи Књазев.
Во таа прва прволигашка година Работнички го плати данокот на неискуството и испадна, за подоцна веќе од крајот на 60-тите години да стане стандарден прволигаш и не ретко да биде меѓу првите пет екипи во Југославија.
Од оние прволигашки настапи Књазев го одделува дуелот со Локомотива од Загреб.
-На овој меч, кој го добивме со 68:62 постигнав дури 38 поени. Тоа беше мојата најблескава прволигашка партија.
Тогаш југословенскиот печат со епитети пишуваше за Александар Књазев, истакнувајќи дека тој е еден од најдобрите бекови во државата. Многумина очекуваа да го видат и во дресот со националниот грб. Но, тоа не се случи, зашто конкуренцијата беше силна, па секогаш предност добиваа Ѓерѓа од Задар, кој беше и повеќекратен шампион на Југославија и Басин кој беше главен креатор на играта на Олимпија.
УСПЕШЕН И ВО ТРЕНЕРСКИТЕ ВОДИ
Александер Књазев во периодот кога на сцена стапува младата генерација предводена од Георгиевски и Радосављевиќ полека го напушта активното играње. Во 1969 година почнува да работи како тренер и тоа во Маврово од Гостивар, за потоа да продолжи во Тиквеш од Кавадарци. Во 1972 година, кога Лечиќ замина во Борац од Чачак, Књазев станува прв тренер на Работнички и оттогаш неговата кариера оди во нагорна линија. Искуството и знаењето придонесоа тој да биде омилен меѓу играчите, а и колегите. Колку беше ценет и почитуван зборува и податокот што како помошник на Мирко Новосел, ја водеше онаа „златна“ генерација на турнејата во САД во 1973 година. Потоа беше тренер и на Балканскиот шампионат во Истанбул, каде го освојува првото место, а заедно со Слободан Ивковиќ потоа ја води и репрезентацијата, која го освојува првото место на турнирот на олимписките надежи.
Кариерата на Књазев продолжува во Работнички, за во 1984 година заедно со Лечиќ да дојде во МЗТ и тука да почне една нова ера во неговата кариера. МЗТ станува прволигаш во поранешпната држава. Оттогаш почнаа оние убави години на клубот, кој по осамостојувањето на нашата држава игра значајна улога во шампионатите на Македонија. Књазев не може да одолее на новите предизвици, па ја менува средината. Повторно е во Работнички, со кој две години игра во европските купови, потоа станува тренер на Деликатес од Кочани со кој го освојува Купот на Македонија, што беше трета титула за него. Во 1996 година следи враќање во МЗТ и тука доаѓаат оние звездени мигови во неговата кариера, кога малку недостигаше МЗТ да се пласира меѓу 16-те најдобри во Европа.
Но, од тој период ќе се паметат неколку победи од кои највредна беше онаа над Реал од Мадрид – 69:68. Тоа беа моменти на голема радост и на една општа кошаркарска еуфорија. Да се совлада еден Реал предводен од Обрадовиќ, во чии редови беше и еден од најдобрите тогашни европски кошаркари Бодирога, тоа беше рамно на сензација. Но, Стефанов, Блажевски, Куртовиќ, Ѓорѓи Књазев блеснаа во вистинскиот момент и предводени од својот стратег ги принудија кошаркарите од Мадрид со наведнати глави да го напуштат теренот во салата во Јане Сандански.
Александар Књазев и по овој успех остана скромен. Тој е таков како човек, не сака да се фали. Дури кога се разговара со него, иако е тоа голема работа, ретко споменува дека беше и првиот селектор на македонската кошаркарска репрезентација. Во 1993 година тој го водеше нашиот национален тим во Вроцлав на првите кваклификации за ЕП во Германија.
Сето ова зборува за една богата кариера на еден од нашите најдобри кошаркари и тренери Александар Књазев. Но, за да не остане единствен во своето семејство толку посветен на кошарката, по неговите стапки тргна и неговиот син Георѓи-Жоро, кој исто така беше многу успешен и ги бранеше боите на нашите најдобри клубови и на репрезентацијата.
Одличен ракометар
Ако не беше кошаркар Књазев комотно можеше да биде ракометар. Тој беше толку квалитетен и во овој спорт, така што тренерот на РК Работнички Славко Матовски постојано го наговараше да игра ракомет.
-Имав желба да играм и ракомет, но, сепак кошарката имаше предност и останав во неа. Инаку, како ракометар настапував за тогашниот Трговски.
Инаку, Књазев настапи и за македонската ракометна репрезентација на турнирот во Романија во 1961 година. Истата година беше прогласен и за најдобар играч на Универзијада што се одржа во Белград.
Лична карта: Александар Књазев
Роден во 1939 година во Струмица
Кариера: КК Работнички, репрезентација на Македонија
Успеси: влегување во Првата лига со КК Работнички и со МЗТ-Скопје,
Тренерска кариера: Работнички, МЗТ-Скопје, Маврово, Тиквеш и Деликатес Успеси: Прв селектор на Македонија, тренер на репрезентацијата на Југославија на турнејата во САД, Балканијадата во Истанбул (прво место) и тимот на олимписките надежи