Првично, рече Шишкин, можеле да сместат до 20 лица истовремено – во една „просторија“ од 15 и на два „шанка“ со четири посетители, а сега веќе се прошири во 12 „простории“, во кои може да се сместат над 50 корисници истовремено.
„Само треба да го усовршиме за да нема какофонија поради толку многу луѓе“ – вели Шишкин. Тој е убеден дека во овие времиња на карантин, луѓето сè уште копнеат по дружење, на начин што постоел до времето на пандемијата. Шишкин вели дека станува збор за меѓународен проект, но исто така и многу интересен експеримент за начините на опстанок на човекот и новите односи меѓу луѓето.
Стотици слични платформи се појавија по оваа. Полека се создава комплетно виртуелен свет кој влезе во нашите домови – театар, опера и балет, школување, вежбање јога или зумба, тренинг и сè „во живо“. Ќе видиме дали ова е почеток на нов цивилизациски однос. Којзнае колку време ќе трае по ова искуство да може да се оди на стадион со 50.000 луѓе повторно, или во кино или кафуле, каде што седат непознати.
„Ова е нова социјална платформа која обединува и зближува луѓе од целиот свет преку ’слика и тон‘. Тоа е ново искуство што предизвикува чесност и желба за пријателство меѓу луѓето, затоа што сите сме во иста ситуација. Луѓето во изолација стануваат поотворени, затоа што некако им дозволувате на непознатите луѓе да влезат во вашите простории, кујни, станови, во вашиот интимен свет. На некој начин апсурдно е што луѓето во изолација практично стануваат поотворени“ – вели Шишкин.
Луѓето кои не се познаваат меѓусебно, зборуваат за своите интимни чувства, обидувајќи се да ја надминат темата за коронавирусот, која сега целосно ги освои и парализира социјалните норми и човечките контакти какви што ги знаевме.