Зоран Михајлов
По убавите и незаборавни години минати во РК „Борец“, Славе Атанасовски Чаве, по едно недоразбирање со управата го напушта клубот и се враќа во Скопје. Но, поради шестмесечната суспензија ракометот мирува, а тој, бидејќи го бидуваше за сите спортови, во тој период заигра фудбал за Скопје 63. Потоа, повторно ракомет, како играч и тренер во Пролет, Металург и Вардар. Тоа беше период кога Скопје почна да го губи приматот, а главната улога ја презема битолска „Пелагонија“, која на квалификациите во Битола во 1971 година се избори за влез во Првата лига.
-Скопски „Работнички“ во тој период доживуваше криза и не беше веќе оној силен прволигаш од минатите времиња, а како поамбициозен клуб на сцената стапува „Вардар“. Тука се создава една солидна екипа, во која носители на играта беа голманот Јовановски, потоа Здравковски, Савевски, Божиновски… Сите тие талентирани момчиња ветуваа добра иднина, па јас понесен од тоа продолжив да играм, но истовремено и да му помагам на тренерот Боскос, кој беше наоружан со големо знаење здобиено во тогашната ракометна велесила Романија, каде што живееше до преселувањето во Македонија. Се работеше амбициозно и откако беа минати сите пречки и совладани и најжестоките противници во 1976 година станавме прволигаши. Тоа беше значаен момент за скопскиот ракомет, кој на голема врата се враќа на југословенската сцена. Првата сезона во конкуренција на 14 екипи бевме 9-ти, а втората година најмногу по вина на слабиот капацитет на управата, која не можеше да не следи, испаднавме и продолживме да играме во второлигашката конкуренција -раскажува Атанасовски.
ОДБИЕНА ПОКАНА ОД МЕТАЛОПЛАСТИКА
Во тој период (почеток на 80-тите години) во Југославија егзистираа повеќе квалитетни екипи, кои постигнуваа добри резултати и на европската сцена. Една од нив, која најавуваше брз пробив во елитата беше и Металопластика од Шабац. Амбициите на шапчаните беа големи, тие не се задоволуваа само со титулата во Југославија, туку одеа многу подалеку – да станат најдобри на стариот континент. Оние добро упатените во ракометот не беа изненадени од преголемите посакувања. Тие знаеја оти се создава еден тим во кој најзвучни имиња беа Веселин Вујовиќ, Исаковиќ, Кузмановски, голманот Башиќ. Тоа беше состав на кој му недостигаше на надворешните позиции еден играч од калибарот на Атанасовски.
-Тренер на Металопластика беше Јездимир Станковиќ. Тој ми се јави и ми понуди кариерата да ја продолжам во Металопластика. Ми ги кажа амбициите и ми рече дека добро би било да размислам, зашто во Шабац има клима и амбиент за постигнување врвни резултати. Неколкупати во Скопје доаѓаа луѓето од управата на Металопластика, разговараа со мене и отворено ми ја кажуваа нивната понуда. Морам да признаам дека таа беше примамлива, а од финансиски аспект многу исплатлива. Долго се колебав, не знаев што да правам, на крајот ги одбив. Гледајќи сега од оваа временска дистанца можеби згрешив, зашто потоа шапчаните станаа европски прваци, а со тоа на сите играчи им се отвораа нови поубави перспективи. Жалев што не ја прифатив понудата, но веќе беше доцна.
По оваа пропуштена прилика, следна дестинација на Чаве беше Металург и настапите во Втората лига.
-И овде минав еден убав и возбудлив период. Давав се од себе, зашто Металург го водеа навистина ентузијасти, кои заслужуваа ракометни радости.
Како тренер на металурзите Чаве беше следен од повеќе екипи кои сакаа да го видат во својата средина. Луѓето од ракометот знаеја дека неговото огромно играчко, а и тренерско искуство, може да биде пресудно во постигнувањето врвен резултат.
-Чекав само некоја подобра понуда, вели Атанасовски. Тоа беше период кога ракометот земаше се поголем замав и кај нашиот јужен сосед. Грците имаа амбиции и овој спорт да го доближат до кошарката, што сметав, а и сега сметам дека вакви посакувања се нереални. Сепак мој следен избор беше токму Грција и екипата на Филипос од Верија.
ОСВОЕН КУПОТ НА ГРЦИЈА
Атанасовски на почетокот од својот престој во Грција имаше многу проблеми со комуникацијата со играчите, а и со колегите од стручниот штаб.
-Проблем беше што грчки воопшто не знаев, а англиски говорев слабо. Така постојано покрај мене мораше да има преведувач. Но, со време почнав да го совладувам грчкиот, а истовремено и англискиот јазик, па така од тој аспект веќе немав проблеми. Комуникацијата со играчите стана нормална, а почнаа да доаѓаат и резултатите. Од зоната за опстанок „Филипос“ почна да се искачува на табелата, за крајот од сезоната да го дочека на втората позиција. Тоа беше изненадување за сите, дури и за мене. Меѓутоа, изненадувањето беше уште поголемо кога го освоивме и Купот на Грција. Тоа беше невидено славје во Верија, спортски град во кој голема трага остави и фудбалерот Ванчо Спасовски, кој овде беше многу години пред мене и ги бранеше боите на ФК „Верија“.
Атанасовски, кој беше вработен како наставник по физичко во АСУЦ „Боро Петрушевски“ не сакајќи да ја напушти работата, по едногодишното неплатено отсуство се враќа во училиштето. Грците не можеа да го разуверат и да го задржат во својата средина. Тие беа свесни за неговите квалитети, зашто за време престојот таму, покрај клупските резултати неколку ракометари на „Филипос“ беа повикани да ги бранат боите на репрезентацијата на Грција. -Полјакот Червински, кој беше селектор на репрезентацијата неколку пати доаѓаше во Верија, на самото место да се увери во квалитетите на играчите што сакаше да ги уфрли во репрезентативниот состав, се сеќава Атанасовски. Со него станавме добри пријатели, а потоа често разменувавме и мислења. Отприлика за најбитните работи во ракометот ставовите ни беа идентични.
Следната година Чаве повторно е на кормилото на Металург, за во 1989-тата година, да се врати во Грција, овој пат во „Дукас“ од Атина, а потоа и во „Јоникос“. Со „Дукас“ беше 4-ти во Грција, а со младинската екипа на клубот стана шампион. Истиот резултат го постигна и со „Јоникос“, беше четврти во лигата. Тоа уште повеќе му го крена авторитетот и му ги зацврсти позициите. Но, на изненадување на сите, тој наместо да остане во Атина се враќа во Верија и го тренира женскиот тим. Со него го освојува првенството на Грција и игра во Лигата на шампионите, каде што неговата екипа доживеа очекувана елиминација од Хипо-банка.
-По сите овие резултати ми беше понудено селекторското место на женската репрезентација на Грција. Јас ова го прифатив, но на позицијата останав само еден месец, зашто тоа беше период кога почна распадот на Југославија, па јас почувствував дека треба да се вратам да бидам со своето семејство во Македонија.
СО МЛАДИНЦИТЕ ШЕСТИ ВО ЕВРОПА
Бурната кариера на Чаве продолжува на домашна сцена. По осамостојувањето, луѓето од Ракометната федерација го назначуваат за тренер и селектор на нашите селекции. Така тој стана првиот селектор што ги поведе македонските ракометари низ европските и светските простори.
Со младинската репрезентација на нашата земја, заедно со тренерот, инаку поранешен репрезентативен голман Ванчо Јовановски, учествува и го освојува 6-тото место на Европското првенство 1994 година во Израел. Ова беше голем успех за една млада репрезентација и најава дека наскоро Македонија ќе стане фактор во ракометниот свет. Тоа беше време кога на сцената господареше Пепи Манасков. Тој како играч ја поведе генерацијата од која подоцна излегоа многу познати имиња, кои се здобија со меѓународна афирмација. Уште во тој период можеше да се насети подемот на нашиот ракомет и неговиот пробив кон европскиот и светскиот врв. Голема заслуга за подоцнешните резултати има и Атанасовски, зашто тој ги постави основите на националниот тим, практично беше негов втемелувач. Истовремено, тој со своето икуство и совети многу им помогна на другите тренери, од кои подоцна некои станаа селектори, како Темелковски, Јовановски, Здравковски, Савевски, Петрушевски…
Нема сомнение дека името на Славе Атанасовски-Чаве, момчето кое потекнува од калдрмата во Пајко Маало, со златни букви ќе биде запишано во македонската ракометна иосторија.
Од калдрма во „Калдрма“!
Во овој период кога е надвор од ракометот Чаве најчесто времето го минува со пријателите во кафеаната „Калдрма“ во скопска Лептокарија во Карпош. Сопственик е неговиот син, а името е како што вели тој – за да се знае од каде потекнува:
-Јас сум пораснал на калдрмата во Пајко Маало и некако најприкладно беше и угостителскиот објект да добие такво име. Не сум дете од асфалтот, туку дете што пораснало на убавата калдрма на која и ден денеска носталгично се сеќавам.
Прием кај претседателот
Во текот на богатата кариера Атанасовски бил на многу приеми во земјата и во странство. Но, од сите тие во најубав спомен му е останат приемот кај претседателот Киро Глигоров.
-Навистина се чувствував гордо кога бев претставен пред него како селектор на онаа младинска репрезентација, која од сите македонски селекции прва учествуваше на една завршница на Европско првенство. Горд бев и на ракометарите кои со борбена игра дојдоа до 6-тата позиција. Тоа беше извонреден резултат, кој ја зарадува целата нација. Тој прием кај Глигоров покажа дека државата на чело со првиот човек и прв претседател на Македонија го вреднува нашето постигнување. Тоа беше навистина едно пријатно и незаборавно чувство.