Во Прилеп се регистрирани првите два случаи на заразени од коронавирусот, потврдуваат од Центарот за јавно здравје од Прилеп. Според директорот на Центарот, Драгица Николоска, заразените се сопружници на возраст преку 60 години и се префрлени на Инфективната клиника во Скопје.
-Сопружниците не биле надвор од земјава, туку нивниот син кој бил на Копаоник, Србија и се вратил пред 10-тина дена. Се уште нема резултати за него. Сега го собираме материјалот и се проверуваат контактите кои досега ги имале двајцата сопружници и нивниот син, изјави Николоска.
Во земјава бројот на заразени од коронавирусот вчера порасна за 12, а со тоа вкупниот број на заболени со овој вирус до вчера до 12 часот изнесува 148. Од новите заразени, седум се во Скопје, а пет во Куманово. Најмладиот пациент заболен од вирусот Ковид-19 во земјава е двегодишно дете од Скопје, а позитивни на овој вирус се и неговите родители, но сите се со лесна клиничка слика и се на домашно лекување.