Медицинските работници во Италија прават неверојатни напори, обидувајќи се да им пружат адекватна нега на пациентите.
Смртоносниот коронавирус беснее во Италија, а како што велат моменталните податоци од теренот, и натаму не попушта. Според последните информации, 631 лице починало од коронавирусот, додека 10.149 се заразени.
Премиерот на Италија, Џузепе Конте, донел мерки со кои е ограничено движењето на граѓаните на територија на цела држава, а повеќето објекти се затворени за да се спречи ширењето на оваа зараза.
На првите линии на одбрана од коронавирусот се медицинските работници, кои деноноќно работат за да се спречи оваа смртоносна инфекција. Социјалните мрежи се освоени од медицински сестри, кои со светот споделиле како изгледа нивната секојдневна борба со вирусот.
Така Алесиа Бонари од Милано на социјалната мрежа “Instagram” објавила фотографија од тоа како изгледала по напорна смена. Толку долго работела со маска, што образите и отекле, а на лицето има и модринки.
“Не бидете себични”
“И јас се плашам, но не поради одење во продавница, туку затоа што одам на работа. Се плашам, бидејќи маската не одговара на моето лице, и стравувам да не го допрам лицето со валкани ракавици. Се плашам дека можеби заштитните очила не ми ги покриваат очите во целост, и можеби нешто ќе помине”, напишала таа на социјалните мрежи.
“Физички сум уморна, бидејќи заштитната опрема ни е лоша, од лабораториското одело се потам, а кога се облекувам, не смеам да одам во тоалет или да пијам нешто во наредните шест часа. Психички сум уморна, како што се и моите колеги кои веќе со недели се во оваа состојба”, додала Бонари.
Бонари апелирала до Италијанците да се придржуваат до правилата кои Конте ги претставил во јавноста.
“Ќе продолжам да се грижам за пациентите, затоа што сум горда што ја работам работата што ја сакам. Сакам ад ги замолам оние кои ги читаат ова да бидат несебични и да останат дома, бидејќи на тој начин ќе ги заштитат најзагрозените. Ние младите не сме имуни на вирусот, можеме да се заразиме. Не можам да си го дозволам луксузот да бидам дома во карантин, бидејќи морам да одам на работа и да го одработам својот дел. Вие направете го своето, ве молам”, вели оваа медицинска сестра.
Заспала на маса
Фотографијата од медицинската сестра Елена Паљариани во Кремона која заспала на маса ја обиколила целата земја. На фотографијата се гледа како Елена спие со цела заштитна опрема.
“Почнавме во 8 часот навечер, работевме повеќе од 10 часа без престан. Видов како Елена прави пауза од пет минути, бидејќи мина часови трчајќи од пациент до пациент. Исто така, помагаше на лице со грозница и проблеми со дишењето”, напишал во описот нејзиниот колега, кој ја фотографирал.