Градинките, основните и средните училишта и факултетите ќе бидат затворени во наредните 14 дена, како заострена мерка поради превенција од ширење на коронавирусот, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
„Да се прекине воспитнообразовниот процес и настава во сите детски градинки, основни и средни училишта на територијата на целата земја во наредните 14 денови. Да се ослободат вработените од работните обврски во овие институции. Се прекинува наставната дејност, процесот во високообразовните установи на територијата на целата држава како и во јавните научни институти“, изјави Филипче.
Целиот персонал нема да оди на работа, додека на боледување ќе треба да оди и по еден родител кој има деца до 10-годишна возраст.
Се воведува забрана за сите јавни собири, сите културни настани на ниво на државата и спортски натпревари со над 1.000 луѓе, а и задолжителна самоизолација за сите лица што доаѓаат од високо и средноризични држави во период од 30 дена.
Се забранува на извоз на медицинска опрема, медицински средства и материјали од економски оператори од земјава, освен со посебна дозвола од Министерството за здравство.
За позрасните и поризичните категории граѓани со хронични болести се сугерира да го ограничат движењето и да го избегнуваат јавниот превоз.
Исто така, се забранува патување во земји што се од висок и среден ризик, а листата на овие земји ќе биде поставена на веб-страницата на Министерството за здравство и ќе биде секојдневно ажурирана.
Вработените во здравствените установи кои се ангажирани во изборниот процес да бидат изземени од натамошно учество и да бидат заменети со други лица.
Се забранува оранизиран меѓународен превоз кон ризичните држави.
За тие што нема да ги почитуваат и ќе ги прекршат препораките бидат казнети по член 205 и 206 од Кривичниот законик.