Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски ја освои наградата „Најдобар филм“ во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, еден од 20-те водечки во светот. Наградата се вика „Мануел де Оливеира“, по легендарниот португалски режисер.
Примајќи ја наградата на сцената во Порто, Манчевски ја посвети на извршниот продуцент на „Врба“ Ник Пауел, британската продуцентска легенда, кој почина лани во ноември, една недела по светската премиера на филмот.
“Убава награда во убав град. Мило ми е што „Врба“ го наоѓа патот до срцето на гледачите во повеќе земји, изјави Манчевски за наградата.
Инаку, ова е третпат како Манчевски е лауреат на Фантаспорто: во 2016 година доби Награда за кариера при што имаше и ретроспектива на неговите филмови, а во 2017 „Бикини Мун“ ја освои Специјалната награда на жирито во истата програма Недела на режисерите.