Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Настинката и грипот имаат многу заеднички симптоми и тешко е да се разграничат. Двете различни болести се предизвикани од различни вируси. Има преку 200 различни вируси кои предизвикуваат настинка и вакцина нема. Грипот е предизвикан од три различни инфлуенца вируси, А, Б и Ц. Само инфлуенца А и Б предизвикуваат тешка инфекција. Вирусите на грипот постојано се менуваат и постои вакцина.
Важно е да се знае за која болест се работи затоа што грипот може да има животно загрозувачки компликации како певмонија.
Настинката и грипот се силно заразни вирусни инфекции. Почести се во зима веројатно затоа што луѓето се во затворени простори и имаат поблиски контакти еден со друг.
Капките кои излегуваат во воздухот при кивање и кашлање содржат вируси (инфективни се) и се шират на далечина од 1 метар. Може да паднат и на околните површини.
Грипот доаѓа брзо и жестоко. Симптоми како суво грло, температура, главоболка, мускулни болки, чувство на гушење и кашлица се јавуваат одеднаш. Грипот се подобрува во тек на 2-5 дена, но може да се чувствувате опаднато недела до десет дена. Сезоната на грип најчесто е од октомври, ноември и трае до март, април. Ако се јават симптоми надвор од ова време може да се работи за настинка или алергија. Некогаш се јавува и повраќање и дијареа. Мускулните болки се типични за грип.
Настинката вообичаено е поумерена, помалку интензивна респираторна инфекција и вклучува затнат нос или течење од носот. Бавно доаѓа и трае десетина дена. Настинката најчесто се јавува во зима, но може да се јави во било која сезона. Во тек на првите три дена од симптомите лицето е заразно.
Треска, температура обично значат грип. При настинка повеќето луѓе немаат температура ниту треска. Децата кога имаат грип вообичаено имаат повисока температура, а температура може да имаат и при настинка.
Замор, исклучителна слабост се јавува при грип. Заморот, слабоста може да траат и до три недели. При настинка лошото општо чувство поминува за неколку дена. Грипот оди со болки во цело тело.
Суво грло и затнат нос – настинката често почнува со суво грло, трае 1-2 дена.
Затнат нос или нос што тече со кивавица почесто е кај грип, кај настинката поретко има кивавица.
Главоболка често се јавува при грип, при настинка ретко, само повремено.
Кашлица се јавува и кај грип и кај настика, двете состојби се респираторни болести кои може да одат со кашлица. Кај грипот почесто се јавува сува кашлица. Пневмонијата се јавува како компликација на грип.
Болка во уво се јавува и при грип и при настинка. Причина е затнување, притисок, конгестија на еустахиевата туба која го поврзува носот со средното уво. Се јавува тапа болка во увото, лесен губиток на слухот, зуење.
Грипот има тенденција да е многу потежок од обичната настинка. Особено кај мали деца и постари може да води до посериозни здравствени состојби и комликации како пневмонија.