Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Со возраста дигестивниот систем станува поосетлив на одредени видови храна и начини на кои таа се приготвува. Дијареа, пролив, е неформирана и воденеста, течна столица почесто од три пати на ден. Некогаш е и спореден ефект на некои лекови. Но, најчесто е предизвикана од храна.
Хроничната дијареа влијае на здравјето и секојдневниот живот, дома и на работа. Непредвидлива е, непријатна, ургентна. Може да пречи на социјалниот живот.
Најчести храни кои предизвикуваат или влошуваат дијареаː
Храната богата со влакна е добра за здравјето, но ако премногу се внесува може да создаде вишок на гасови и дијареа. Треба да се елиминира овошје (круши, јаболка, повеќето бобинки, смокви, урми, суво грозје) и зеленчук богат со влакна (брокула, моркови, зелка, прокељ, артичоки, грашок). Да се внимава и на јатки и мешунки, цели житарки и зрна, јачмен, трици, кафен ориз, овсена каша, пуканки, леб со цели зрна.
Шеќерите стимулираат излачување на вода и електролити преку цревата што влијае на перисталтиката. Најчест причинител е фруктозата која природно ја има во овошјето (праски, круши, цреши, јаболка) или е додадена на храна и пијалоци. Други причинители се вештачките засладувачи како сорбитол, манитол и ксилитол (бонбони, благи алкохоли, пијалоци и гуми за џвакање без шеќер, џем, желе, лекови). Манитолот и сорбитолот предизвикуваат гасови и дијареа, имаат лаксативен ефект.
Млечнте производи содржат шеќер лактоза (млеко и млечни продукти, сирење, млеко, сладолед) која некои лица тешко ја варат. Помалку лактоза има во јогуртот и тврдите сирења. Интолеранција на лакотоза се зголемува со возраста затоа што нивото на ензимите кои помагаат за варење на лактозата се намалува по детството.
Глутенот е протеин во пченица, јачмен, рж, пиво, преливи за салата. Лицата кои се осетливи потешко го варат и имаат дијареа.
Кофеинот е стимуланс во кафето, чајот, чоколадото, енергетските пијалоци, сосовите, храната со вкус на кафе или чоколадо. Ја забрзува работата на дигестивниот систем.
Пржена и/или масна храна – некои лица тешко варат пржена или кремаста храна, мрсно месо, кисела павлака, мајонез, сосови и преливи. Нересорбираната маснотија предизвикува поголемо излачување на вода во цревата и потечни столици.
Зачинетата храна ја маскира високата количина на масти во храната. Ако се изеде многу лута и зачинета храна се надразнува мукозата на желудникот и ректумот.
Други причини за дијареаː инфекција (бактериска, вирусна, паразити, контаминирана храна и вода), болести (синдром на нервозни црева, улцеративен колитис, Кронова болест, дијабетес, целиакија, хипертироидизам, некои форми на канцер), прекумерен внес на алкохол, лекови (особено кај повозрасните, антибиотици, лекови за гихт, антациди со магнезиум), операции на дигестивниот систем, злоупотреба на лаксативи, срес.
Дехидратацијата (силна жед, сува уста и кожа, намалена и темна урина, слабост, вртоглавица) е најсериозна компликација на дијареата, особено е опасна и животнозагрозувачка кај деца, постари возрасни и лица со слаб имунитет.