Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Имунолошкиот систем штити од патогени микроорганизми, прави разлика меѓу “свое” и “туѓо.”
Автоимуни болести се јавуваат кога имунолошкиот систем “по грешка” ги напаѓа и уништува здравите ткива на телото, кога природниот одбранбен систем не прави разлика меѓу сопствени и туѓи клетки, ги препознава сопствени клетки како туѓи, се ослободуваат антитела кои ги напаѓаат здравите ткива и ги розоруваат. Некои автоимуни болести зафаќаат еден орган, други зафаќаат повеќе органи или целото тело.
Причината зошто имунолошкиот систем го напаѓа сопственото тело не се знае. Некои луѓе се посклони кон автоимуни болести. Жените се позафатени во однос на мажите.
Се смета дека причината зависи од три факториː
-генетска предиспозиција,
-изложеност на активирачки туѓ антиген и
-губење на заштитната функција на епителната бариера.
Генетика – некои автоимуни болести одат по фамилии. Се наследува склоноста, предиспозиција за автоимуна состојба. Но генетиката сама за себе не е доволна за развој на автоимуна болест.
Фактори од околината, инфекции и хемикалии може да играат улога. Некои микроорганизми или лекови предизвикуваат промени кои “го збунуваат” имунолошкиот систем кај лица кои се поприемчиви за автоимуни болести.
Честотата на автоимуните болести е во пораст.
Исхраната е ризик фактор. Голем внес на шеќери, масти, високо преработена храна, брза храна предизвикуваат инфламација што може да предизвика имунолошки одговор.
Телесна тежина – дебелината го зголемува ризикот, прави поголем стрес на зглобовите, а масното ткиво произведува супстанци кои поттикнуваат инфламација.
Пушењето се поврзува со Лупус, Ревматоиден артритис, васкулитис, Мултипла склероза, Хипертироидизам.
Стрес – можно е автоимуна болест да се јави кога стресот (од било кој вид) ја надминува можноста имунолошкиот систем да се справи со него.
Најчесто се зафатени крвните садови, сврзното ткиво, жлездите со внатрешно лачење, зглобовите, мускулите, кожата.
Има повеќе од 80 автоимуни болести. Најчести се Ревматоиден артритис, Дијабетес тип 1, Системски лупус еритематозус, Мултипла склероза, Миастенија гравис, Псоријаза, Инфламаторна болест на цревата, Гравесова болест, Хашимото тироидитис, Адисонова болест, Сјогрен синдром, Автоимун васкулитис, Пернициозна анемија, Целиакија, Guillain-Barre синдром. Лицето може да има повеќе автоимуни пореметувања во исто време.
Раните симптоми се сличниː слабост, болки во мускулите, оток и црвенило на зглобовите, лесна температура, црвенило на кожа, болки и подуеност во стомакот, губиток на коса, отечени жлезди, вкочанетост и трпки во шаките и стопалата. Потоа секоја болест дава различни симптоми.
Симптомите, од благи до умерени и многу тешки, се јавуваат и исчезнуваат. Периодот кога нема симптоми е ремисија. Релапс е кога симптоми пак ќе се јават.
За дијагноза се прави комбинација од тестови, различни болести продуцираат различни сецифични антитела. Некогаш е потребно подолго време (години) болеста да се појави со права слика и да се дијагностицира.
Третманот вклучува лекови за намалување на на имунолошки одговор и на воспалението, отстранување на храната и факторите кои ги оштетуваат цревата (поврзаност на автоимуните болести со зголемена пропусливост на цревата). Најважно е да се најде баланс, здрава исхрана, регуларна физичка активност, нормални вредности на крвниот притисок и холестеролот.