Зоран Михајлов
Лична карта-Драган Мутибариќ
Роден: 1946 година во Сомбор
Кариера: Бечеј, Срем, Вардар, Тетекс, Македонија Ѓ.П., Трепча, Шалке
Успеси: Второ место во Балканскиот куп, младински и сениорски репрезентативец на Југославија, голман на векот во Македонија, четврти на ранг-листата на најдобрите македонски фудбалери
Тренерска кариера: Тренер на голманите на Вардар
Успеси: 6 титули првак на Македонија и 5 освоени Купа
Сплитската епизода
Интересно е сеќавањето на Диме Георгиев, соиграчот на Мутибариќ, од годините кога Вардар беше „сила“ и играше во тогашниот Средноевропски куп, подоцна Куп на УЕФА.
-Игравме нерешено со италијанскиот прволигаш Каљари, се сеќава Георгиев. Тоа беше голем резултат за нас, кој позитивно одекна во целокупната југословенска фудбалска јавност. На враќање, авионот слета на сплитскиот аеродром, па кога излегувавме на пистата забележавме многу новинари и фото-репортери. Муто одеше напред, прв излезе од авионот и мислејќи дека сите тие претставници на „седмата“ сила се дојдени нас да не пречекаат и да ни честитаат за ремито со Каљари, тој ги крена рацете и им отпоздравуваше. Но, ниту еден од фото-репортерите не трепна, иако рацете на Мутибариќ беа високо кренати. Во еден момент сите репортери се стрчаа кон авионот од кој на скалите се појави филмската звезда Орсон Велс. Тогаш и Муто и ние сфативме во што е работата. Не ние, туку Орсон Велс беше мета на новинарите.
Четири пати спортист на Македонија
Колку Драган Мутибариќ имаше богата, би рекле блескава кариера во Вардар, најубаво зборува и фактот што тој четири пати беше прогласуван за најдобар спортист на Македонија.
-Часовниците што тогаш се доделуваа, вели Мутибариќ, и натаму стојат во моите витрини. Тие ме потсетуиваат на убавите времиња и незаборавните години минати во Вардар. Станав вистински нивни колекционер.
Сето ова говори колку Мутибариќ беше драгоцен за Вардар.
Не станав член на СКЈ
Во времето кога Драган Мутибариќ беше во зенитот на славата, тој не стана член на Сојузот на комунистите на Југославија, иако со другите познати личности тоа често се случуваше.
-Веројатно луѓето од тие кадровски комисии увидоа дека за мене освен спортот не постои ништо друго, па и не се обидоа да ме „врбуваат“ и евентуално да вршат притисок. Јас до крај останав верен на моите принципи, во кои семејството и фудбалот беа пред се. Едноставно сакав мир и спокојство, зашто само така ќе можев на најубав начин да ги демонстрирам голманските квалитети.
Спектакл со Ц.звезда
Од натпреварите на кои се сеќава- со посебно задоволство, тоа е еден од дуелите со Црвена звезда во Скопје.
-Амбиентот беше прекрасен, а на трибините немаше игла каде да падне. На тој натпревар,во кој извојувавме победа имаше повеќе од 24.000 гледачи. Ми се чини дека овој рекорд на еден прволигашки натпревар до денеска не е надминат. Токму таа атмосфера што се создаде ни даде крилја и беше дополнителна инекција за сите фудбалери да го дадеме максимумот.
И синот Слободан меѓу стативите
За да се зачува голманската традиција во семејството Мутибариќ и синот Слободан кој се роди кога Драган со сопругата Милица дојдоа во Скопје – 1966 година, застана меѓу стативите.
-Тој од малечок доаѓаше на помошниот терен на Вардар и се фрлаше по топките, вели Мутибариќ. Знаев дека и тој има желба и голмански предиспозиции, па затоа откако потпорасна бранеше за помладите категории, а стигна и до сениорите. Тој има два настапа за првиот тим на Вардар, а потоа бранеше за повеќе екипи од нашата држава. Знаев дека не може да ги достигне моите квалитети, но во ниеден момент не помислував да застанам на патот на неговата желба.
Меѓутоа, искуството што го доби како голман, сега има шанса да го пласира како тренер во работата со младите голмани. Засега Слободан тоа успешно го прави и тој е омилен меѓу голманите што допрва ќе дојдат на фудбалската сцена.