Зоран Михајлов
Драган Мутибариќ веќе беше личност за која на големо се говореше, а фудбалските стручњаци го вбројуваа меѓу најдобрите југословенски голмани. Новинарите, пак, не можеа да го заобиколат и речи си во секој извештај го величеа. Неговото име често се наоѓаше на насловните страници на најтиражните весници, а фудбалските пера често знаеја за него да напишат дека е „Пантер меѓу стативите“, потоа дека имал „волшебни одбрани“, дека тој е најзаслужниот за победата. Сето тоа беше точно, зашто едноставно Мутибариќ беше вистинска енигма за противничките напаѓачи. Кога се чинеше дека тие ја завршиле работата и ќе постигнат гол, пред нив се испречуваше Муто, кој ги уриваше нивните надежи. Така, добрите одбрани во Вардар беа виза за сениорската репрезентација на Југославија, за која имаше 4 настапи.
-Мислам дека, и покрај силната конкуренција, имав шанса да бидам стандарден во националниот тим – вели Мутибариќ. Но, зошто тоа не се случи, веројатно претпоставувате, а и јас ќе кажам: шанса да бранат имаа секогаш голманите од посилните клубови, особено оние од големата „четворка“. Да заминев во некој од овие клубови сигурно ќе бев стандарден.
Вардаровата и македонската фудбалска легенда, иако често заобиколуван од селекторите, сепак не се лутеше. Тој беше задоволен од она што го имаше постигнато во фудбалот, а и од она што останува како историски факт – дека беше најдобриот голман во Македонија.
-Минав прекрасни години во Вардар. Периодот од 1966 до 1975 година за мене ќе биде незаборавен. Станав миленик на гледачите. Со нив секогаш имав комуникација – и тогаш кога бев меѓу стативите, а и кога со нив ќе се сретнев на улица или кафеана. Тие секогаш сакаа да бидат во мое друштво, некако се гордееја со мене, а и јас со нив, па така таа непосредна врска да ја чувствувам и денеска.
Непријатна епизода во Шалке
Сепак, борбата за егзистенција е основна во животот, особено кај фудбалерите чија кариера не се знае во кој правец ќе тргне. Од тие причини сите размислуваат да заминат онаму каде што ќе им биде финансиски поисплатливо, за да може уште кога се активни да го обезбедат животот. Токму од оваа причина и Мутибариќ се реши да го напушти Вардар и да замине во скапата Бундес лига. Менаџерите, меѓу кои беше и познатиот загрепчанец Налетелиќ, го одбраа Шалке, престижен и респектиран тим со голема традиција. Во првиот момент сите помислија дека е тоа вистинскиот избор за голман со квалитети какви што имаше Мутибариќ, но излезе дека не е така.
-Иако се работеше за сума од 250.000 марки некако тешко ми падна разделбата со Вардар и навивачите. Кога заминав во Шалке во Бундес лигата бев полн со амбиции и желба да се докажам и таму, во земјата на големите асови и легендарниот Сеп Хербергер, големиот фудбалски маг. Но, брзо се разочарав и ќе кажам дека Шалке беше моја непријатна епизода. По оние пријатни мигови во Скопје и сето она што тука ме опкружуваше, некако не можев да се адаптирам на новата средина. Таму се беше поинаку, ја немаше онаа топлина. Згора на тоа, не знам зошто – и главната звезда на Шалке, Словенецот Бране Облак, со кого тогаш бевме сонародници, доаѓавме од иста држава, како да не ми беше наклонет, па меѓу другите и тој беше една од причините што само по една година заминав од Гелзенкирхен. Еден кус период, колку да не се оддалечам од фудбалот, бранев за Швенинген, кој играше во лига од понизок ранг, за потоа да се вратам назад во Македонија, но на изненадување на сите – не во Вардар! Скопскиот клуб не сакаше да плати обештетување од 30.000 марки од кои половината јас ќе ги дадев, за да бидам ослободен од договорот со Шалке.
Повторно со Варагиќ- во Трепча
Со оглед на ваквата ситуација, иако Вардар на времето доби обештетување од Шалке во висина од 50.000 марки, Мутибариќ мораше да бара нова средина. Изборот падна на Трепча од тогашна Косовска Митровица, која се натпреваруваше во Првата лига. И тука тренер му беше Душан Варагиќ. Со Трепча Муто го освои второто место во тогашната Балканска лига.
Потоа, на инсистирање на Кирил Дојчиновски, кој беше еден од тренерите и Џоџа Николовски, тогашниот претседател на Вардар, Мутибариќ се враќа во „старото јато“. Брани еден период, но прв голман е Благоја Георгиев.
-Без оглед дали ќе бранев или не, желба ми беше да бидам во Вардар. Каде и да одев во мислите бев со Скопје и со прекрасната публика, за која вредеше и срцето да се остави на теренот. Гледачите од љубов кон Вардар знаеја да дојдат пешки на Градскиот стадион дури од Петровец, Зелениково, Драчево, Ѓорче. Замислете какви фанатици беа и колку им значеше нивниот фудбалски миленик? Кај нас фудбалерите, пак, се будеше некое посебно чувство и се создаваше победничка атмосфера. Меѓутоа, годините го сторија своето: видов дека во Вардар треба свежа крв, а во Георгиев, подоцна и во Грошев – таа свежа крв ја имаше, јас решив да заминам и со своето искуство да помогнам на некој друг клуб од Македонија.
Така, следниот избор на Мутибариќ беше Тетекс. Тука доаѓа во годината откако тетовчаните испаднаа од Првата лига. Но, испаѓањето од елитата не значеше колапс. Напротив и натаму постоеја амбиции и клубот одржуваше еден солиден квалитет. Овде популарниот голман останува 4 години, за кариерата да ја заврши во Македонија од Ѓорче Петров. Така тој нанижа околу 300 првенствени натпревари, а во Македонија постави и еден рекорд – Мутибариќ 1.004 минути не беше совладан.
Помошник на Хаџиевски во Вардар
Неколку години по завршувањето на активното играње, кога сите мислеа дека Драган Мутибариќ ќе остане само во сеќавањата, надвор од фудбалот, повторно му се отвора вратата во Вардар. Овој пат, тој е вклучен во Стручниот штаб предводен од Ѓоко Хаџиевски.
-За мене беше голема чест да се вратам во Вардар – вели Мутибариќ. Тоа ми го овозможи Ѓоко Хаџиевски, кој ме вклучи во неговиот тим да бидам тренер на голманите. Сега, кога од оваа временска дистанца ќе се потсетам на тоа вртеме ме обзема големо задоволство. Причината е едноставна, со Вардар учествував во освојувањето на шест титули и пет купови на Македонија. Иако не бев „главен“ сепак како тренер на голманите тоа е запишано во мојата фудбалска биографија. Задоволството е уште поголемо што ги тренирав познатите македонски фудбалски голмани – Филевски, Милошевски,за жал сега покоен, потоа Јовчев еден период и репрезентативниот голман Целевски. Сите тие, на некој начин, во еден подолг или покус период минале и низ мои раце, а потоа секој на своја страна ја градел кариерата.
Времето минува, постарите убаво се сеќаваат, а младите вљубеници во фудбалската игра нека знаат дека во Мутибариќ – Македонија имала голман со кој се гордеела.
За сето тоа што го даде во македонскиот фудбал, посебно во Вардар, тој е прогласен за голман на векот, а се најде и на 4-тото место на ранг-листата на најдобрите фудбалери на Македонија на сите времиња.