Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Одењето на доктор кај повеќето лица предизвикува нервоза, непријатно чувство на внатрешен немир, страв. Но кај некои лица води и до привремено покачување на крвниот притисок. Ако крвниот притисок е нормален дома, а во медицински услови е покачен можеби имате “бел мантил” хипертензија (“бел мантил” синдром, феномен, ефект).
Терминот доаѓа од белиот мантил кој го носат докторите. Најчесто систолниот притисок е околу 10-30ммХг, а дијастолниот 5-10 мммХг повисок отколку кога се мери дома. Нормален крвен притисок се дефинира како притисок понизок од 120/80ммХг; висок крвен притисок е 130/80ммХг и повисок. Се смета дека причина е анксиозноста што се јавува при посета на доктор.
Крвниот притисок постојано варира во текот на денот во зависност од тоа што се работи и што се случува во околината. Но лицата со “бел мантил” хипертензија може да имаат почести и повисоки флуктуации. Феноменот се случува затоа што повеќето лица се чувствуваат напнато, нервозно во (медицинско) опкружување кое не е познато. Еден од пет лица има ваков феномен кој докторите не го третираат со лекарства.
Се смета дека лицата со овој феномен имаат повисок ризик за срцев и мозочен удар и други срцеви болести отколку лицата кои го немаат овој ефект. Исто така се смета дека овие лица скоро секогаш прогредираат во постојано висок крвен притисок, артериска хипертензија.
Третманот не секогаш подразбира земање антихипертензивни лекови. Намалување на внес на сол, намалување на тежината, редовно вежбање, вежби за релаксација, престанок на пушење води до подобра контрола на крвниот притисок.