Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и министерката за правда Рената Дескоска се “спукаа“ на Фејсбук. Прво, откако во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 министерката рече дека фамилијата на Груевски презема фирми и стануваат сопственици, преку Фејсбук реагираше екс премиерот и побара извинување од неа.
„По повод интервјуто на Рената Десковска за ТВ 21, ја повикувам да каже барем една фирма која сум ја преземал со изнуда или без изнуда или на било каков начин, пред да го спомнува моето име. Барем една. Ако има таква. И да изнесе докази за тоа и веднаш нека ја конфискува. Ако нема такво нешто и ако има малку доблест треба да се извини“, напиша Груевски на Фејсбук.
Синоќа со статус на Фејсбук му одговори Дескоска која го поканува во нејзиниот кабинет.
“Денеска г. Груевски ме почестил со своја реакција на моја изјава на дебатна емисија на ТВ21. Како одговор на неговата реакција сакам да потсетам дека во текот на дебатата за прашањата за кои реагира не кажав ништо ново што не можеше во минатиов период да се прочита во печатените и електронските медиуми. Сепак, вратата на мојот кабинет е отворена за г. Груевски, за да поразговараме за прашањата на кои реагира. Го поканувам да дојде“, напиша Дескоска.