Тамара Тодевска на фестивалот „Кенга меџик“, кој се одржува во Тирана, Албанија, беше прогласена за најдобар интернационален артист.
На фестивалот се претстави со нејзината нова песна „Monsters“, чии автори се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветковски, а текстот е на Коста Петров.
Непосредно пред настапот на фестивалот, Тамара во изјава за тамошните медиуми за првпат проговори за немилата случка при изведувањето на химната во Американската амбасада во Скопје.
“Беше ненамерна грешка и омразата започна. Ме мразеа толку многу! Тоа беше период кога требаше да бидам среќна, горда на себе, а јас бев затворена помеѓу четири ѕида. Се прашував што се случи… На луѓето кои ме знаат им е јасно дека никој не може да ми каже што да правам. Едноставно згрешив, не беше професионално, но сите грешат. Ова е прв пат да зборувам за тоа, но многу им бев лута на моите луѓе. Тие веруваа дека јас сум се продала. Тие заборавија се, само по два месеци! Велат дека жирито гласало за мене бидејќи го променивме името, не, тие гласаа за нас бидејќи бевме добри“, рече пејачката.
Инаку, на настапот во Американската амбасада на 4 јули, Тамара ја изоставила строфата каде што се споменува Гоце Делчев и другите национални херои. Тамара го испушти делот со “Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански!” по “Одново сега знамето се вее, на Крушевската република!”, а во нејзината изведба го немаше ниту делот “Горите Македонски шумно пеат, нови песни, нови весници!”, пред “Македонија слободна, слободно живее!”.